Категории

Овие 5 филмови направени по вистински и неверојатни приказни вреди да ги погледнете!

Кога гледаме филм направен по вистинска приказна и фактот дека некому тоа навистина се случило, го прави филмот повозбудлив и пораката која ја испраќа ја сфаќаме многу посериозно. 

Некои од најдобрите филмови на сите времиња се инспирирани од вистински приказни, а ова се 5 филмови кои носат во себе потенцијал да го инспирираат секој поединец.

# Into the Wild

Најпознатиот филм кој го режираше актерот Шон Пен, се вбројува во оние приказни кои никого не оставаат рамнодушен. Освен одличната режија, глума и сценарио, филмот се одликува и со прекрасна музика која е дело на Еди Ведер од групата Прл Џем.

Главниот лик е Кристофер, успешен во секое поле во животот, кој во еден момент одлучува да ја подели целата своја заштеда и да ги прекине врските со луѓето за да се пронајде себеси, живеејќи во природа.

Приказната ги прати авантурите на Кристофер низ САД, кои ќе му помогнат да се подготви за својата конечна цел – живот на Алјаска. Филмот ќе ви раскаже приказна која во исто време ќе ви го скрши срцето, но и ќе ве развесели. Задолжителен филм за сите оние кои сакаат едноставни сценарија со голема порака.

 

# Intouchables

За краток период откако излезе овој филм, стана најуспешниот француски филм на сите времиња. Филмот се занимава со настанувањето и одржувањето на едно неочекувано пријателство, помеѓу млад имигрант со сенегалско потекло и постар богат инвалид.

Филипе бара нов негувател кој му е потребен за функционален живот. Единствен кој се разликува од сите останати пријавени за таа работа е Дрис, момче со проблематично минато и неконвенционални манири.

Иако ќе им треба време да пронајдат заеднички јазик, овие двајца мажи набргу ќе развијат длабок однос полн со почит и приврзаност. Овој филм со себе носи неограничена количина позитивна енергија и иако лесно може да ве расплаче, на крај сигурно ќе ви биде драго дека сте го гледале.

# Snowden

Овој филм раскажува приказна за еден од најконтроверзните личности на денешницата, Едвард Сноуден кого го глуми Џозеф Гордон – Луит.

Сноуден, вработен во НСА (Национална агенција за сигурност) одлучува да им проследи на новинарите доверливи податоци за начинот на кој државата ги шпиунира своите граѓани. Свесен е дека животот ќе му се промени од темел, дека можеби никогаш веќе нема да смее да се врати во својата земја, а прашање е и кога воопшто ќе ги види своите најблиски. Сепак, се одлучува за овој ризик, бидејќи смета дека како човек и граѓанин има морална одговорност да ги извести своите сонародници за она што се случува позади нивниот грб.

Иако различни луѓе на различен начин го толкуваат неговиот потег, факт е дека овој филм носи силна порака за упорноста и вербата дека мораме да го правиме она што сметаме дека е исправно, без разлика колку ќе не чини.

 

# Wild

Ова е филм кој откако ќе го гледате, барем во првиот момент ќе посакате да се спакувате и да посетите некои непознати планински краишта. Во главната улога се наоѓа Рис Витерспун, жена која одлучува да испешачи нешто помалку од 2 илјади километри.

Таа веќе со години живее хаотичен живот, исполнет со дрога и алкохол, а откако умира нејзината мајка и сопругот бара развод од неа, го допира дното. Една импулсивна одлука ќе биде доволна животот да и се промени во потполно друг правец. Таа без никакво искуство и знаење, купува опрема за планинарење и тргнува на неизвесно патување за кое се надева дека ќе ја спаси, и на кое сака да се пронајде себеси. Пораката на филмот е мотивирачка, со надеж дека доколку посакуваме нешто, можеме да го промениме животот.

 

# Selma

Главната тема на филмот е борбата за човекови права во САД, која се однесува на шеесеттите години од минатиот век. Попрецизно, се зборува за Мартин Лутер Кинг и останатите борци за правото на глас на Афроамериканците на изборите.

Откако на една граѓанка и е одземено правото на глас во градот Селма (Алабама), Лутер Кинг одлучува да организира марш од Селма до Монтгомери, и на тој начин преку ненасилни методи би се заложиле за еднаквите права на сите граѓани на САД. Иако најпрво наидуваат на отпор од страна на владејачките структури, со добра организација и верба во правичноста на целта, активистите успеваат да се изборат за она во што верувале. Иако постојат многу филмови кои се занимаваат со оваа тема, „Селма“ се истакнува по квалитетот на сите важни компоненти.

Исто така, филмот ни во еден момент не е подложен на сентименталност и патетика, а може даа се воочи дека укажува и на проблемите со кои општеството се мачи и денес, особено ако се сетиме на неодамнешните случувања во САД.

 

Прегледи:
1066
Објавено на:
22.05.2018