Категории

Предавање на Претседателството со Вишеградската група 2020-2021, од Република Чешка на Полска

На 22 јуни 2020 година се одржа мала свеченост во Амбасадата на Република Чешка во Скопје.

Во присуство на министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, и шефот на неговиот кабинет Паскал Стојчески, амбасадорот на Република Чешка, Мирослав Томан, го предаде претседателството со Вишеградската група на неговиот полски колега, Војциех Тицињски. На настанот учествуваа и унгарскиот амбасадор Ласло Иштван Дукс, како и словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш.

Соработката во рамки на Вишеградската група (В4), составена од Република Чешка, Унгарија,
Полска и Словачка, што започна пред 29 години, е совршен пример на држави со исти историски
искуства и слични предизвици на европската и глобалната сцена, што воспоставуваат вистински
врски и имаат заеднички интереси.

Политичките успеси на Вишеградската група (В4) ја вклучуваат и нејзината посветеност во
поддршката на земјите од Западен Балкан. Државите од В4 продолжуваат да играат улога во
потенцирањето на важноста на политиката за проширување на ЕУ и нејзината поставеност високо
на агендата на ЕУ.

 

Чешкото Претседателство со Вишеградската група 2019-2020
За време на нејзиното претседателство под мотото „В4 Разумна Европа“ („V4 Reasonable Europe“),
Република Чешка се обиде да примени разумен, прагматичен и конструктивен пристап,
потенцирајќи ја европската агенда и формати на високо политичко како и експертско ниво. За
време на Претседателството на РЧ со В4, се одржаа повеќе од 50 политички настани на високо
ниво. Втората половина на Претседателството беше силно погодена од пандемијата на
коронавирусот и оттаму мораа да се одложат некои од планираните активности, како на пример
средбата на претседателите на Парламентите од Вишеградската Четворка и Шесторката од
Западен Балкан што требаше да се одржи во април во Прага. Но сепак, дури и во оваа ситуација
без преседан, Претседателството на РЧ со В4 успеа да ја одржи функционалноста на
Вишеградската соработка и да се концентрира на нејзините главни приоритети.
Во областа на надворешните односи, чешкото Претседателство се трудеше да ја покаже
практичната солидарност на В4 со поддршка на соседните региони – особено Западен Балкан.
Поддршката на амбициите на Северна Македонија и Албанија за започнување на преговорите со
ЕУ беше клучен елемент. Во овој поглед, чешкото Претседателство организираше неколку настани
на високо ниво. На 12 септември 2019 година се одржа историски првиот В4+ЗБ6 самит на
премиери во Прага. На 29 февруари 2020 година следеше слична средба на ниво на министри за
надворешни работи. Освен министрите од В4 и земјите на ЗБ6 заедно со нивните колеги од
Хрватска, Словенија и Австрија, учествуваа и претставници од Европската комисија. На маргините
на настанот беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Меѓународниот Вишеградски Фонд и
Фондот за Западен Балкан како и Заедничка декларација на Министрите од В4 со која се
подржува интеграцискиот процес во ЕУ на Западен Балкан со оглед на претстојниот Совет на ЕУ.

Неговата позитивна одлука за отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и
Албанија беше топло дочекана од сите земји на В4.

Приоритети на полското Претседателство со Вишеградската група 2020-2021
Процесот на справување со последиците на пандемијата на КОВИД-19 ќе претрпи значителен удар
врз текот на полското Претседателство со В4, во многу области и аспекти. В4 исто така ќе мора да
работи внимателно за да го врати во ред социо-економскиот живот. Оттаму „Враќање во ред“
(„Back on track") ќе биде мотото на полското Претседателство со В4.
Иницијативите на В4 и активностите со полското Претседателство ќе бидат поделени во три
области: Економија и поврзаност, Безбедност, Општество. Во овие три области полското
Претседателство си постави 4 цели:
1. Силна В4 во силна Европа – цел поврзана со координацијата на активностите на земјите од В4
во рамки на ЕУ,
2. Враќање во нормала – цел поврзана со борбата против пандемијата на КОВИД-19 и нејзините
последици,
3. Контакти луѓе-со-луѓе – цел поврзана со засилувањето на интеграцијата и поврзаноста во рамки
на В4, меѓу В4 државите/општествата,
4. Дигитална В4 – е-В4 – цел поврзана со развојот на соработката на В4 во дигиталниот сектор.

Полското претседателство со В4 се совпаѓа со 30-годишнината од Вишеградската соработка
(основана во февруари 1991 година). Прославата во 2021 година ќе биде добра прилика да се
проценат досегашните заеднички достигнувања и да се размисли за насоките за во иднината.
Несигурноста за вистинскиот напредок на политиката за проширување на ЕУ ќе остане предизвик,
што потенцијално ќе ги загрози стратешките интереси на Европа, а особено на Централна Европа.
Ќе продолжи координираната политичка поддршка од В4 на процесот за проширување на ЕУ и
напорите да се поддржат интеграциските аспирации на земјите од Западен Балкан. Полска во ова
исто така ќе ги користи искуствата од полското Претседателство со Берлинскиот процес. За да се
поддржи таканаречената регионална сопственост во регионот на Западен Балкан, В4 ќе ја
примени, преку Меѓународниот Вишеградски Фонд, договорената техничка помош на Фондот за
Западен Балкан.

Прегледи:
497
Објавено на:
23.06.2020