Категории

Речиси распродадени билетите за детскиот концерт и за „Бакнеж и танго“

Речиси се распродадени билетите за престојните два концерти на оркестарот на Филхармонија. Првиот е „Штурецот и мравката“ наменет за најмладите кој ќе се одржи на 8 февруари (сабота) во 12 часот. Станува збор за уште еден, премиерен детски концерт кој Филхармонија го реализира во соработка со НЛБ. Диригент е Елена Митревска, аниматор е Мартин Јорданоски, а на програмата се дела од Монти, Пахелбел, Штраус, Бернштајн, Сен-Санс, Елгар, Моцарт…

Вториот концерт за кој се останати уште малку билети е љубовниот концерт „Бакнеж и танго“ кој ќе се одржи на 14 февруари (петок). Овој концерт е посветен на тангото – кое ќе биде презентирано во неговата автентична форма, но и преку фузија со музиката од Балканот. Оваа фузија е препознатлив печат на квинтетот „Белтанго“ од Србија кој ќе настапи заедно со оркестарот на Филхармонија и диригентот Мириан Кукунаишвили од Грузија. На програмата се композиции од танго мајсторите Родригез, Скарпино, Гардел, Пјацола…, а ќе чуеме и композиции од Дуке Бојаџиев и Горан Бреговиќ кои се напишани во духот на оваа музика.

Квинтетот „Белтанго“ е основан во Белград во 1998 година, на иницијатива на Александар Николиќ, првиот концертен бандонеист во Србија. Главната интенција на овој квинтет е да ѝ ја претстават на пошироката публика танго културата, а во исто време да дадат и свој придонес во развојот на оваа популарна музичка форма. Освен традиционални танго композиции, како и дела т.н. танго-нуово кое го иницираше Астор Пјацола, на репертоарот на „Белтанго“ се наоѓаат и нивни авторски композиции кои својата инспирација ја наоѓаат во своевидната фузија на танго музиката и музиката од Балканот. Тие изградија свој единствен музички жанр – Белтанго.

„Белтанго“ е првиот танго оркестар од Балканот кој во својот состав го негува звукот на автентичниот бандонеон, инструмент кој исторски нераскинливо е поврзан со тангото. Токму неговата единствена боја и звук го создаваат неповторливото танго доживување.

Концертираат низ целиот свет, а досега имаат реализирано повеќе од 900 концерти на интернациолани фестивали и концерти сцени во 20 земји: Аргетина, Германија, Франција, Швајцарија, Виетнам, Шпанија, Данска…

На покана на аргентиското министерство за култура „Белтанго“ учествуваше на најголемиот светски танго фестивал во Буенос Аирес во 2007 година како единствен танго оркестар од Европа. Добитници се на престижната наградата „Астор Пјацола“ во 2008 година која ја доделува фондацијата на славниот композитор.

Зад себе имаат и неколку дискографски изданија – „Белтанго Нуево“ – 2001, „Белтанго ен виво“ – 2004, „Белтагно трилогија“- 2007, „Театро дел Алма” – 2014.

Најдрагата потврда и пофалба за досегашната работа, „Белтанго“ ја добија од Даниел Пјацола, син на славниот Астор Пјацола.

-Горд сум што во светот постои состав како „Белтанго“ кој ја свири музиката на мојот татко на вистинскиот начин. Искрено бев изненаден дека некој кој доаѓа од друга земја, може да ја свири музиката на мојот татко со исто чувство. Очигледно дека причина за тоа е што музиката на мојот татко е универзална, а „Белтанго“ тоа го потврдува со својата чудеска интерпретација – напиша Даниел Пјацола.