Бројот на пациенти заразени од коронавирусот во САД секојдневно расте, а во моментов тие се на трето место со бројка од 40.841 заразен, од кои 7.295 се нови случаи дијагностицирани во текот на денешниот ден. Последните податоци покажуваат дека до денеска починале 458 Американци од Ковид-19.
Како што расте бројот на потврдени случаи во САД, сè повеќе федерални држави воведуваат обврска граѓаните да останат дома, а излегувањето е дозволено само за купување храна и лекови или за извршување клучни работи за заедницата.
Речиси половина од сите случаи на коронавирус се откриени во државата Њујорк, а градоначалникот Бил де Блазио проценува дека за десет дена градските болници ќе останат без витална опрема, како што се респираторите.
Поради бројните ограничувања, многу граѓани се привремено без работа, училиштата се затворени и откажани се црковните служби, свадбите, спортските и други настани.
Претседателот Доналд Трамп објави дека три американски производители на автомобили – „Џенерал моторс“, „Форд“ и „Тесла“ – добиле зелено светло за да започнат со забрзано производство на респиратори и други производи потребни за лекување на пациентите со коронавирус.