Категории

Се одбележува Меѓународна недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда (25-31 мај)

Нарушувањата на тироидната жлезда може да влијаат на плодноста и здравјето на мајката и бебето

Компанијата „Варус’ од Скопје како овластен застапник на германската фармацевтска компанија „Мерк“ – водечка меѓународна компанија за наука и технологија, а во соработка со Здружението на лекари по семејна/општа медицина од 25 до 31 мај ја одбележува меѓународна недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда. Оваа година, одбележувањето на неделата се фокусира на темата „Мајка и бебе“.

Оваа година, за време на Меѓународната недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда во мај, Мерк во соработка со Меѓународната федерација на тироидната жлезда (TFI) и Thyroidchange “, се фокусира на хипотироидизмот и потенцијалното влијание врз здравјето на мајката и бебето, пред, за време и после бременоста.

Оттаму предупредуваат дека доколку не се лекува хипотирероидизмот истиот претставува голем ризик, како за мајките така и за бебињата. Самите мајки имаат ризик од компликации на срцето, бубрезите и нервниот систем, нарушена плодност и компликации од бременоста. За време на бременоста, нероденото дете зависи од мајчините тироидни хормони до 18-20 недела од бременоста, а нелекуваниот хипотиреоидизам може да доведе до ментални и физички пореметувања на растот и развојот кај децата.

„Жените се многу поподложни на заболувања на тироидната жлезда. Една од осум жени може да има проблем со функционирањето на тироидната жлезда во текот на животот. Ова е посебно важно да се земе во предвид во тек на бременоста, бидејќи за адекватен раст и развој на бебето, како во текот, така и после бременоста, неопходно е оптимално ниво на тироидни хормони, кои се одговорни за правилен раст и развој. Во првите единаесет недели од бременоста, бебето во целост зависи од тироидните хормони на мајката, а дури после осумнаесетата недела од бременоста, детската тироидна жлезда е развиена и самостојно почнува да произведува тироидни хормони. Доколку мајката има заболена тироидна жлезда која не произведува доволно тироидни хормони, ова може да се одрази и на правилниот раст и на развојот на мозокот на бебето. Затоа е многу битно жените кои имаат заболување на тироидната жлезда, штом ќе дознаат дека се бремени, веднаш да се јават на својот ендокринолог, со цел да се провери дали нивото на тироидни хормони во крвта е адекватно.“ – истакнува Доц. Д-р Саша Јовановска Мишевска, ендокринолог.

За значењето од следењето на тироидната жлезда за мајките и бебињата согласни се и гинеколозите.

„Од клучно значење е тироидната жлезда да функционира правилно за време на бременоста. Тироидните хормони се од суштинско значење за нормален развој на мозокот и нервниот систем на бебето, а бебето се потпира на својата мајка која го снабдува со тироидни хормони преку плацентата во текот на првиот триместар. Тироидните хормони, исто така, играат клучна улога во развојот и одржување на здравјето на идната мајка. Мајките што очекуваат бебе, треба да бидат тестирани за оптимално ниво на тироидниот хормон во текот на бременоста за да се провери нормалниот развој и

раст на нероденото дете. Нарушувањата на тироидната жлезда можат да влијаат и на бебињата. Некои новороденчиња се раѓаат без тироидна жлезда или недоволно развиена тироидна жлезда, познато како вроден хипотироидизам. Овие бебиња, со ова нарушување немаат доволно хормони на тироидната жлезда за потребите на нивното тело, меѓутоа доколку правилно се дијагностицираат, во првите неколку дена по раѓањето и со правилен третман, ова нарушување може да биде контролирано.“ – вели д-р. Горан Димитров од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

За време на Меѓународната недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда, особено се охрабруваат жените и лекарите да се едуцираат, да побараат рано тестирање, и да се упати апел до жените кои размислуваат да забременат, да го прашаат матичниот лекар за тестирање на нивото на тироидните хормони и да ги проверат за време на бременоста и после породувањето, бидејќи некои жени во тој период доживуваат нарушување на тироидната жлезда, наречено постпартален тироидитис.

Др. Маја Катранџиска Џонлага, специјалист по семејна медицина истакнува: „И оваа година Здружението на лекари по општа семејна медицина се вклучува во кампањата за подигнување на свеста за болести на штитната жлезда. Целта на овогодинешната кампања е да се подигне свеста кај идните и сегашни мајки за важноста на уредната функција на тироидната жлезда за нивното здравје, за нивниот фертилитет и за здравјето на новороденото.Многу често се случува да под сликата на неспецифичната симптоматологија на намалената функција на тироидната жлезда се крие и причината за секундарен стерилитет или нарушена репродуктивна функција кај младите жени. Многу важно е ние, семејните лекари, да бидеме едуцирани и подготвени да размислуваме во насока на советување на нашите млади пациентки, идни мајки,за навремена и редовна контрола на на функцијата на тироидната жлезда.“

Од 22 до 31 мај, преку профилот „Здравјето приоритет – аларм за свест“ на социјалните мрежи Facebook и Instagram ќе се одвива кампања во рамки на која ќе бидат споделени едукативни содржини соодветни на темата на 12-та Меѓународна недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда: https://www.facebook.com/ZdravjetoPrioritet и https://www.instagram.com/alarmzasvest/?hl=en.

Во Република Северна Македонија, за изминатата 2019 година вкупниот број на регистрирани пациенти со нарушена функција на тироидната жлезда надминува 20,000, додека во светот се смета дека 200 милиони луѓе страдаат од нарушувања на тироидната жлезда, при што бројот на жените е поголем од мажите, а околу половина се недијагностицирани.

Прегледи:
570
Објавено на:
27.05.2020