Категории

Се поголем интерес за филмската уметност во Македонија

Загорка Поп Антовска Андовска и Славица Несторовска Дамјанска се дел од тимот кој стои зад брендот „Даста Академија“. Работата со деца, но и возрасни пред се на полето на филмот им е секојдневие, но од неодамна внесоа свежина во работата и понудија неформално образование за филм, дизајн на ентериер и маркетинг. Прочитајте ја филмската приказна на Академијата Даста…

Загорка, Вие сте драматург во Македонскиот народен театар, но и професор на ЕСРА Универзитетот за аудиовизуелни уметности. Со основањето на ДАСТА Академија запливавте и во водите на неформалното образование и тоа за сите генерации. Има ли кај нас култура за посета на обуки, курсеви, работилници?

Загорка: Неформалното образование кај нас најмногу го ползуваат децата, со посета на најразлични курсеви. Сметам дека тоа е многу важно за развојот на детето. Многу е важно како се осмислува неговото слободно време и да се насочува детето кон она за што има афинитети уште од најрана возраст. Неформалното образование го дополнува формалното и никако не треба да се заборави дека сите ние треба да практикуваме стекнување на нови вештини и знаења постојано. Во текот на целиот живот. Овој тип на образование, во принцип не запира. Но, кај нас некако уште во средношколските денови тоа згаснува. За време на факултет би можела да речам дека е назначителна бројката колку млади луѓе постуваат работилници, курсеви, обуки, а после завршувањето на факултетот, во нашиот менталитет е дека од тоа апсолутно нема потреба, што лично сметам дека е многу погрешно. Посебно на овие простори, многу е важно младиот човек да биде динамичен. Се соочуваме со голем процент на невработеност. Неформалното образование нуди брзи и суштински преквалификации и доквалификации кои можат да му обезбедат нова, барана и профитабилна кариера.

ДАСТА Академија нуди и обуки за возрасни?

Загорка: Да, од оваа година започнуваме со професионални обуки и за возрасни. И тоа филмска режија со сценарио, дизајн на ентериер и маркетинг – како едногодишни програми и многу други краткотрајни програми. Ние ги одбравме најголемите професионалци да ги водат нашите професионални програми. Верувам дека преквалификациите и доквалификациите ќе помогнат многу млади  луѓе да ги превземат нештата во свои раце, да не очајуваат дека немаат добра работа и да се впуштат во една ваква интересна и инспиративна обука со цел да дојдат до посакуваната кариера.

Најавувате ексклузивци како проф. Владимир Блажевски, авторот на филмот „Панкот на е мртов“ и на уште многу други филмски и ТВ проекти, како и нашиот, а светски познат Дејан Дуковски?

Загорка: Да, професионалната програма за филм ја води тандемот Блажевски-Дуковски што сметам дека е привилегија за секој што сака да учи филм.

Има ли интерес од страна на младите за филмот како уметност?

Загорка: Има интерес. Секој човек има длабока потреба од креација, уметничко изразување и многу деца и млади во филмот го препознаваат медиумот за творештво и реализација на својата уметничка страна. Многу млади луѓе посакуваат да бидат филмски режисери и сценаристи, актери, монтажери, сниматели, и тие кај нас, во ДАСТА Академија го реализираат својот уметнички сон.

thumbnail_10

thumbnail_11

Славица, од педагошки аспект што е најважно во комуникацијата и работата со деца?

 Славица: Голем дел од работата на ДАСТА Академија е посветен на децата до 14 годишна возраст преку филмскиот курс. Но, кај нас не се изучува само филмот како уметност и занает, туку се работи на севкупниот развој на детето. Од развојот на фантазијата со креирање на приказни, ликови, заплети, костими, преку зацврстување на самодовербата со вежбите за добро говорење, вежбите за надминување на стресот пред камера и во јавен настап, но и развивање на тимски релации во атмосфера на почит, помагање и взаемна доверба. Работиме и со позатворени деца со кои навистина имаме голем успех, исто како и на креативно канализирање на енергијата на оние кои се преслободни. Во педагошката комуникација со детето најважна е пофалбата која создава желба за уште поголемо докажување. На крај на денот, најважно е детето со радост да доаѓа и со радост да си оди. И среќна сум што тоа го постигнуваме.

thumbnail_14

thumbnail_15

Неодамна со учениците од ДАСТА филмската школа бевте во Париз, каде снимавте филм на една многу интересна тема, а со наслов „Ангел во Париз“.  Раскажете ни за што зборува овој филм?

Загорка: Желбата за патување и снимање филм во Париз кај децата, а и кај нивните родители беше огромна. Во меѓувреме додека ги вршевме подготовките на сценариото се случија терористичките напади во Париз. Размислувавме да се откажеме од патувањето, но со поддршката на родителите одлучивме да заминеме и да снимаме филм во кој како главна тема ќе бидат нападите. Детската перцепција на тероризмот е извонредно податна за испраќање на порака за мир. Направивме приказна за едно болно дете кое е хоспитализирано и во болницата случајно на CNN ги гледа вестите што известуваат за нападите и убиствата. Детето посакува да замине во Париз и да му соопшти на светот „Не се убивајте, не бидете глупави. Животот е прекрасен.“ Заради сериозноста на болеста тој не заминува за Париз, но неговите другари ја пренесуваат пораката од Париз до целиот свет. Силната верба на децата дека ако му ја остварат желбата ќе помогнат во неговото оздравување вродува со плод. Се случува медицинско чудо. Тој оздравува.

Колку време работевте на филмот и колку деца имаа можност да се видат на големото филмско платно?

Загорка: На филмот работевме една година. Покрај Париз снимавме на многу локации во Скопје. На филмското платно кој со помала, кој со поголема улога можеа да се видат стотина деца.

Кога ќе може филмот да го погледне и останатата македонска јавност?

Загорка: До крајот на годината ќе биде организирана премиерата од отворен тип, за секој што ќе сака да го види филмот.

За крајот на месец октомври најавувате нов, интересен филмски проект. После Париз, годинава ќе снимате филм и во Трансилванија, како што вие велите „На гости кај чичко Дракула“. Каква е приказната на филмот и колку деца може да бидат дел од снимањето?

Загорка: После успешното патување во Париз, склучивме договор со една туристичка агенција од Скопје за следно патување со снимање на филм во Романија, поточно во Трансилванија кај чичко Дракула на гости. Секој што сака да патува и да снима може да се пријави на нашата веб страница. Приказната е интересна и возбудлива. Група деца тргнуваат на екскурзија во посета на озлогласениот дворец на грофот Дракула. Свесни дека станува збор за легенда, децата се опуштени и воопшто не се плашат од помислата за патувањето. Напротив прават шеги на сметка на Грофот Дракула и на сметка на тие „мали деца“ што веруваат дека тој постои! Наспроти очекувањата на сите, нештата излегуваат од контрола и навидум безопасното патување се претвора во кошмар за групата. Дали ќе го запознаат Грофот Дракула лично, останува да видиме во најновиот филм на ДАСТА филмската школа.

Колку децата сакаат хорор филмови? Што Вие како професори и педагози би акцентирале дека е особено важно во жанрот хорор?

Загорка: Кај децата и младите хорор-мистерија жанрот е многу актуелен, секако дека е многу возбудливо да се изучуваат закономерностите на жанрот. Интересно е да се анализира психолошката и емотивната состојба на гледачот, интересно е да се изучуваат драматуршките техники за предизвикување на страв. Но сепак, мора да се има предвид дека се работи за деца и дека целиот „хорор“ пред се е адаптиран на нивната возраст. После нашиот прв долгометражен хорор мистерија „Kuchkovo Forest Project“ (кој може да се погледне на интернет) се покажа дека децата уживаат во креирањето на филм со ваква жанровска одредница.

Запишаните ученици на филмските курсеви кај вас имаат можност на часовите да пишуваат сценарија и да снимаат филмови. Дали ја издржуваат таа амбициозна динамика на пишување и снимање?

Загорка: Да, уживаат во постојаното снимање. Не им е напорно. Многу се радуваат на сите наши филмови. Најмногу учат низ практика, иако на секој час учат и по некој нов стручен термин или постапка која подоцна практично ја применуваат.

thumbnail_22

thumbnail_23

Покрај филмските курсеви за деца до 14 години, нудите и програма која е насловена „Млади филмаџии“? Кој може да се пријави на таа програма?

Загорка: Оваа програма е замислена за млади луѓе, средношколци, но и не само средношколци, туку и сите оние кои сакаат да се занимаваат со филмот на ниво на хоби. Воедно е добра подготовка за сите што понатаму размислуваат да студираат филм. Низ двата семестри снимаат краток игран филм, документарен филм, реклама и музички спот. Односно, ученикот ќе има можност да се стекне со знаење на полето на основите на филмската режија, филмското сценарио, основи на монтажа, камера и актерска игра пред камера. Програмата вклучува првично разработка на поимот кадар и неговото семантичко значење во филмскиот дискурс. Преку анализа на филмската граматика на веќе постоечки дела како и нејзино имплементирање при раскажување на сопствено креирани приказни, студентот ќе учи за стил, темпо и ефективна драматургија. Програмата ќе вклучува еднакво теоретска и практична едукација, втемелувајќи го знаењето за основите на филмската граматика, но и насочувајќи го студентот кон откривање на својот сопствен стил на раскажување со слика. Динамиката на часовите вклучува термини (два пати неделно по 90 мин.) посветени на изучување на филмот, но и дополнителни термини за практична реализација на филмските проекти.

Новинар: Цеце Трајковска

Прегледи:
803
Објавено на:
03.10.2016