Категории

Скопска, маалска вистинска љубовна приказна

 

Некој ме погали по лицето. Само Снежана има таков нежен допир. Се насмеав. Ти благодарам Господе. Значи сепак дојде. Знаев дека ќе дојдеш, и’ реков, и ја бакнав. Не го губев времето, се засолнивме под првата стреа, посегнав кон кутивчето со бурмата, и’ го подадов, и, -Снежана, ќе бидеш ли моја сопруга? Цело време ја гледав во очите. Не трепнував. Во вакви моменти само тие ја зборуваат вистината. Се оѕари, ме погледна со најубавата насмевка, и почна да ме бакнува. Збунето и непрекинато. Од среќа. Од радост. Да Марко, ќе бидам, ќе бидам, сакам да бидам, да, да, да. И ме бакнуваше…

-Снежана!!! Што бараш ти во мојата соба? Ох Боже сонувам ли? Од каде ти тука Снежана? Што беше сон? Она пред малку, или ова сега? -Марко, ова не е сон. Јас сум во твојата соба, и те бакнувам, и те милувам, и тука ќе останам, и ќе те сакам, и ќе те љубам, и ќе те чувам. До крајот на животот. -Што се случило Снежана? -Мајка ти, Марко. Дојдоа заедно со татко ти кај нас, со писмово. Сега сите сме тука, во вашата куќа. Ене ги, договараат голема свадба на есен. Сите се среќни. -Можно ли е Снежана? -Да Марко, можно е. Вистина е. Туку, може ли да те прашам нешто? -Повели. -Марко, сакаш ли да бидеш мој сопруг? Ме праша заедно со волшебната насмевка подавајќи ми го празното кутивче, покриено со оној прст од нејзината дланка, на кој светкаше мојот прстен. Ја зграпчив и почнав силно да ја бакнувам. Не можев да поверувам. Осетив како ми се врати она делче кое пред три години се скрши од мојата душа. Погледнав во часовникот. Десет часот. Пак светна. Се насмеав. Фала ти Господе. Фала ти за секое светкање, за секоја капка дожд. За сонот во кој сум потонал…

Кога дошла мајка ми да ме буди, го видела писмото на моите гради, го прочитала, и со голема паника му го дала на стариот. Облекувај се невесто, зимај го чадорот, одиме кај Илкови, па што сака нека биде, извикал татко ми… Ене ги сега, се веселат во големата соба, се смеат на глас. И соседите се тука. Јас и Снежана во мојата, гушнати на креветот, гледавме низ прозорецот. Нешто светна. Месечината. Конечно престана да врне, почна да се разведрува. Ех што ти е човек? Сега посакував да продолжи да врне, да истури, да не може да си отиде од тука, мојата Снежана. Никогаш…

Извор : Засе.мк

1 2 3

Прегледи:
1481
Објавено на:
20.09.2017