Категории

Скулпторот Жарко Башески ќе изложува во миланскиот Palazzo Reale

Македонскиот скулптор Жарко Башески ќе претстави две свои дела на интернационалната концептуална изложба која ќе се одржи во Кралската палата во Милано под насловот “Corpus Domini: Dal corpo glorioso alle rovine dell’anima“, со потпис на реномираната италијанска кураторка, Франческа Алфано Миљети.

Изложбата, која за публиката ќе се отвори на 27 октомври оваа година, а ќе трае до 22 јануари 2022, е во организација на Кралската палата и Општина Милано, со поддршка од издавачката куќа Marsilio Arte и Tenderstories.

Башески, инаку познат по делата изработени во хиперреалистичен манир кои се дел од најеминентните интернационални изложби, на Corpus Domini ќе се претстави со скулптурите „Вон…“ и „Автопортрет 1“, заедно со 33 други меѓународно признаени уметници и вистински икони на современата уметност како Јозеф Бојс, Кристијан Болтански, Антони Гормли, Џон де Андреа, Јаел Бартана, Роберт Лонго, АЕС+Ф и други.

На 1.000 квадратни метри изложбен простор, вкупно 111 дела меѓу кои инсталации, скулптури, цртежи, слики, видеоинсталации и фотографии за првпат ќе бидат изложени концептуално, за колективно да ги откријат мноштвото начини на што се претставува човечкото суштество, или според самата Миљети, да го илустрираат патот од глорифицираното телото, до урнатините на душата.

Поставката ќе раскаже приказна преку анализа на појавата на нови форми на претставување во современиот свет, фокусирајќи се на историскиот премин на живото тело, протагонист во т.н. Body Art до одново осмисленото тело на хиперреализмот, за променливите естетски канони на репрезентација и за моќното евоцирање на поединецот преку трагите кои тој ги остава зад себе. Приказна наменета да се одрази на кризата на сетилното искуство предизвикана од појавата на културата која нуди совршени тела, модифицирани тела, тела кои се одново измислени, сосема различно замислени и ре-произведени, а со тоа и во суштина лажни.

Според организаторот, изложбата Corpus Domini: Dal corpo glorioso alle rovine dell’anima е резултат на заедничката работа на уметниците, музеите, фондациите, архивите, галериите и колекционерите од Италија и од други земји, со цел да понудат преиспитување на концептот на човештвото по шокот и пресвртот предизвикан од Ковид-19.

Прегледи:
436
Објавено на:
18.10.2021