Категории

Уште еден голем успех за македонските танчери со Даунов синдром: Златен медал на Европското Првенство во Римини

Танчерите со Даунов синдром од танцовото студио „Денсерс јунајтед МК“ во саботата освоија златен медал на Европското првенство во хип-хоп, што се одржа во Римини, Италија. Во рамки на првенството кое почна на 16 мај, имаше и Светски куп за паратанц во хип-хоп, кој се одржа на 18 мај и танчерите од ова студио беа најдобри.

Овој медал на танчерите со Даунов синдром им е 5. надвор од земјата на светски или европски првенства, а во Македонија се државни прваци од 2015.

„Среќата која се доживува кога се слуша нашата химна додека ги вееме знамињата не се опишува. Овие достигнувања се признание на трудот и упорноста на ‘Денсерс јунајтед’, кои веќе 6. година успешно работат на инклузија на овие лица и можностите на лицата со попреченост. Со ова, нашето танцово студио е најтрофеен клуб со највисоки европски и светски медали“, вели Сара Кочан од „Денсерс јунајтед“ и еден од тренерите на танчерите.

Групата со Даунов синдром лани ги освои титулите европски шампиони, на натпреварот што се одржа во мај во Џенова во Италија, а во октомври станаа светски шампиони на натпреварот во Киелце, Полска.

„Латино јуниорската група со типичен развој во март годинава на Европското првенство во Москва беше второ место во категорија латино шоу и 2. место во модерен балет, соло девојки и постари младинци“, вели Кочан.

Таа додава дека приказната продолжува и дека целта е што повеќе луѓе да слушнат за нашите шампиони.

„Идејата е што повеќе луѓе да се приклучат на нашиот општествено одговорен инклузивен танцов клуб, а тоа е едно еднакво општество за сите“, вели Кочан.

Извор: СДК.МК