Категории

Вака треба да изгледа брегот на Охридско Езеро – порачаа екоактивистите со еколошка акција!

Една еколошка акција организирана во нашиот македонски бисер – брегот на Охридско Езеро, не потсети колку е важно да го собираме својот смет и да ја чуваме околината чиста. 

Во организација на Divine Farms, овоштарник кој се наоѓа во Љубаништа, Охрид, поддржани од ресторанот Острово, маркети Тамаро и Галеб Охрид, Охридски Комуналец, на 15. мај беше организирана акција за чистење на брегот на Охридското Езеро. Триесетина волонтери, меѓу кои и деца, собрале 220 вреќи со отпад и тоа во околината на манастирот Св.Наум.

Еколошката акција опфатила чистење на брегот на езерото од сливот на реката Черава до манастирот Св.Наум, а организаторите со оваа акција даваат голем придонес за почиста животна средина, но испраќаат и порака до сите со цел кревање на свеста за еколошките проблеми со кои се соочува околината на Охридското Езеро и важноста за зачувување и заштита на оваа прекрасна природа.


Организаторите веќе ги планираат и следните слични еколошки акции во околината, а како една од најголемите опасности ја гледаат реката Черава, која е една од реките која носи најмногу цврст отпад во езерото. Тие информираат дека реката поминува покрај депонија во Албанија и дел од тој отпад доаѓа до Охридско Езеро, заради што е неопходно е да се постави мрежа, како отпадот би се спречил да доаѓа во езерото.

Нека оваа еколошка акција ни биде поттик на сите нас да ја заштитиме природата и да дадеме свој придонес за чиста животна средина.