Категории

ВО 2016 ГЛЕДАЈТЕ „ЖЕНСКИ“ ФИЛМОВИ

Поголемиот дел од луѓето ќе се подзамислат ако им речете да набројат неколку филмски режисерки. Веројатно би се сетиле на Софија Копола и Кетрин Бигелоу по некое време. Кампањата 52 филмови од жени (#52FilmsByWomen) се обидува да ја поправи штетата нанесена со недостатокот од жени-режисерки на врвот на филмскиот шоубизнис, а и да привлече повеќе внимание на талентираните жени од целиот свет за кои повеќето од нас никогаш не слушнале.

Оваа кампања има за цел секој филмски фан да изгледа по еден филм неделно кој е режиран од жена. Организацијата која ја започна кампањата, Women in Film, вели дека целта е на забавен начин да привлечат внимание кон многуте талентирани режисерки од целиот свет и да поттикнат креативна и интерактивна дискусија.

Кирстен Шафер, извршната директорка на Women in Film (WIF) од Лос Анџелес, вели: „Кога прочитав дека ветераните на филмската индустрија не можеле да состават листа од 10 режисерки кои би ги земале предвид за своите проекти, знаев дека мораме да изградиме свест за постоењето на режисерките“.

Оваа кампања е лансирана по последното истражување кое го спровела организацијата и кое открило дека една од најголемите пречки на режисерките се перципцијата за недостаток на талент и искуство. Покрај тоа, многумина од испитаниците/чките не успеале да наведат ниту една режисерка.

WIF е само една од сè поголемиот број невладини организации кои, често незабележано, вложуваат напори за да го искоренат проблемот со недостатокот на жените зад камерите. Останатите слични организации се Alliance of Women Directors (AWD) која врши професионално застапништво на режисерките, додека American Film Institute’s Directing Workshop for Women (DWW) се фокусира на развојот на нивните професионални вештини.

Но, ако ги погледнете овогодинешните номинации за БАФТА или за Оскар за најдобра режија, ќе видите тренд што се повторува – сите номинирани се мажи. Ајде да ја промениме оваа ситуација и да гледаме по еден „женски“ филм неделно! Претплатете се (или пак прочитајте ги листите и одберете си филмови по желба) и да започнеме со движењето тука.

Прегледи:
485
Објавено на:
24.01.2016