Категории

Вселенска сонда на пат кон Меркур за прв пат прелета покрај Венера

Вселенското летало на седмогодишно патување околу планетата Меркур, денес помина покрај Венера користејќи ја силата на тежата на овој Земјен сосед за да го прилагоди своето патување кон Меркур – најмалата планета најблиска до сонцето.

Лансирана пред околу две години, дводелната европско-јапонска сонда „Бепи Колумбо“ направи снимка на Венера на оддалеченост од 17,000 километри.

Ова е втора од девет „планетарни гравитациони асистенции“ потребни на ова летало во текот на патувањето до Меркур. Првата таква „асистенција“ била брзото полетување околу Земјата во април.

Европската вселенска агенција укажала дека мисијата која чини 1,3 милијарди евра е една од најпредизвикувачките досега. Екстремните температури на Меркур, силната гравитациона сила на Сонцето и неговото зрачење создаваат „пеколни услови“.

Сондата „Бепи Колумбо“ уште еднаш ќе прелета околу Венера а шест пати околу Меркур за да успори пред пристигнувањето до целта во 2025 година.

Во последната орбита околу Меркур, сондата ќе прелета во два дела: европскиот орбитален апарат „Бепи“ ќе се спушти во пониска внатрешна орбита околу Меркур а апаратот „Мио“ кој го направи Јапонската агенција за истражување на свемирот, ќе собери податоци од поголема висина.

Двете сонди се изградени на тој начин да можат да ја поднесат температурата околу Меркур која се движи од 430 степени целзиусови на страната свртена спрема сонцето до минус 180 степени во сенка.

Истражувачите се надеваат дека мисијата ќе им помогне да откријат повеќе за Меркур кој е само малку погллем од Месечината а има масивно железно јадро.

 

Прегледи:
709
Објавено на:
26.10.2020