Категории

За сите љубители на книгите – Низ Македонија ќе патува новата подвижна книжарница

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје најави еден сосема нов, иновативен и поинаков концепт кој ќе ги израдува сите љубители на пишаниот збор. 

Книжарницата „Антолог“ од Скопје го претстави својот нов проект – книжарница на тркала која официјално започна со работа вчера на Плоштадот Македонија. Таа ќе ја менува својата локација низ целата држава овозможувајќи им на сите љубители на книгите да можат да ги набават сите актуелни наслови од нивните омилени автори на неочекувани места.

„Одамна размислувавме за можноста што повеќе да ги доближиме книгите до нашите читатели што секојдневно нè следат и нè поддржуваат, особено во оние места каде што за жал бројот на книжарниците и достапноста на книгите се на многу ниско ниво. Оваа нова и иновативна книжарница на тркала е следната приказна што ја испишуваме и на која сме особено горди. Атрактивната книжарница ќе патува низ целата земја за да биде што поблиску до книгољупците, задржувајќи го сепак оригиналниот уметнички концепт по кој како бренд сме препознатливи. Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, идејата е и да прерасне во атракција што ќе обединува книжевни настани, промоции, средби и гостувања на автори“, велат од „Антолог“ и додаваат: „На нашиот сајт www.antolog.mk, како и на нашите профили на друштвените мрежи редовно ќе ги објавуваме програмата на книжарницата на тркала и локациите на кои таа може да се најде во моментот. Исто така, со оглед дека целта на оваа книжарница е да ги исполнува желбите на читателите – секојдневно ќе бидеме отворени за предлози на места што треба да ги посетиме следни.“

Во подвижната книжарница на „Антолог“ ќе бидат достапни огромен број наслови од поновата продукција на оваа издавачка куќа, а од денеска само во оваа книжарница ќе може да се набават и три најнови изданија, тукушто излезени од печатница: Умешноста да ја креирате вашата реалност на Ана Бучевиќ
Мечкоград од мегапопуларниот автор Фредрик Бакман
и емотивниот роман Измиен грев од Сара Омар.