Категории

Зборот „депресија“ испишан на привезок? Тренд или подигнување на свеста за оваа душевна состојба?

Ланчињата со привезок на кој е испишано вашето име станаа особено популарни по серијата „Сексот и градот“. Откако прошета Кери со своето ланче, жените ширум светот посакаа на врат да го носат своето име. И се е тоа во ред, но една американска златара неодамна отиде чекор понатаму со произведување на привезоци на кои се испишани зборовите „депресија“, „анксиозност“, „биполарност“. 

Намерите на оваа златара се искрени и мотивирачки, се со цел да се тргне обележувањето на личностите врз основа на нивните ментални болести, но по којзнае кој пат се покажа точна онаа изрека која предупредува на тоа со што е поплочен патот до пеколот.

Позади овој дизајн стои Џен Гоч, која исто така поголем дел од својот живот се борела со биполарно пореметување. Според нејзиното мислење, важно е да се разговара за емоциите, а ланчињата се чекор кон тоа.

Критичарите не се сложуваат со тоа, истакнувајќи дека на овој начин ќе се случи сосема спротивното, уште поголема изолација на луѓето кои страдаат од овие болести. Тие потсетуваат дека ланчињата може да ги купи и оној кој не страда од овие болести, па на тој начин депресијата може да стане моден тренд. Поради ова, брендот чие седиште е во Лос Анџелес е обвинет дека ги романтизира менталните болести.