Категории

Зошто некои луѓе не се заразуваат со корона и покрај изложеноста на инфекцијата?

Неретко имаме прилика да видиме како една личност, без разлика што целото семејство е заразено со корона, никогаш не била позитивна на овој вирус.

Сега научниците пронајдоа објаснување, а новата студија покажува дека дел од луѓето доживуваат „абортивна инфекција“ во која вирусот влегува во телото, но Т-клетките на имунолошкиот систем го чистат во најраната фаза, што значи дека ПЦР и тестовите на антитела бележат негативен резултат, пренесува Гардијан.

Околу 15% од здравствените работници, кои се набљудувани уште од првиот бран на пандемијата во Лондон, се вклопуваат во ова сценарио. Ова откритие може да го отвори патот кон нова генерација вакцини кои ќе бидат насочени кон одговорот на Т-клетките, што може да произведе долготраен имунитет.

Лео Свалдинг, имунолог при Универзитетот во Лондон и главен автор на студијата, рекол: „Секој има анегдотски докази за луѓето кои биле изложени на вирусот, но не се инфицирале. Но, она што не го знаевме е дали тие личности навистина потполно го избегнале вирусот или природно се исчистил од нив уште пред да се открие со рутинските тестови“.

Најновата студија интензивно ги пратела здравствените работници во текот на првиот бран на пандемијата за да ги бележи знаците на инфекција и имунолошкиот одговор. Наспроти високиот ризик на изложеност на вирусот, 58 учесници ни во еден момент не биле позитивни на коронавирус.

Меѓутоа, примероците крв земени од овие луѓе покажале дека имале пораст на бројор на Т-клетки кои реагирале на коронавирус, во споредба со примероците кои ги земале пред да завладее пандемијата и во споредба со луѓето кои воопшто не биле изложени на вирусот.

Истражувањата сугерираат дека група луѓе веќе имала мемориски Т-клетки од претходните инфекции од други сезонски вируси кои ги предизвикале обични настинки, што ги заштитило од коронавирус.

„Овие веќе постоечки Т-клетки можат да го препознаат SARS-CoV-2“, рекол Свалдинг.

Александер Едвардс, вонреден професот по биомедицинска технологија на Универзитетот Ридинг, рекол: „Оваа студија идентифицира (нов) резултат – доволна изложеност на вирусот да се активира дел од вашиот имунолошки систем, но недоволна за да почувствувате симптоми, да забележи значајна количина на вирусот и да создаде антитела“.

„Вакцината која го зајакнува имунитетот на Т-клетките против различни вирусни протеини, кои ги делат многу коронавируси, би ги надополнила нашите вакцини кои индуцираат неутрализирачки антитела. Бидејќи се работи за компоненти во вирусот, антителата се помалку ефикасни – наместо тоа, Т-клетките влегуваат во игра“, порачал Ендру Фридман, истражувач за заразни болести на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Кардиф.