Категории

#365среќа Александра Наумовска: „Не чекајте посебен момент, започнете со вежбање уште денес!“

Секоја жена која води грижа пред се за своето здравје, а потоа и за својот изглед, покрај здравата исхрана, вежбањето задолжително треба да биде дел од нејзиното секојдневие.

Меѓутоа, ефектот постигнат при самостојно вежбање како и потрошеното време не може да се спореди со ефикасноста на тренинзите во присуство на личен тренер. За грижата за себе и своето тело и придобивките од вежбањето, зборуваме со Александра Наумовска, личен тренер во фитнес центарот на ТЦЦ Гранд Плаза.

1.  Како изгледаа твоите почетоци во фитнесот и колку долго се занимаваш со него?

Накратко, во светот на фитнесот влегов пред околу 3 години. Почетна мотивација ми беше како и на повеќето луѓе, желбата да изгледам подобро и да си ја зголемам самодовербата. Но, како почнав да навлегувам во тоа и да ги остварувам моите цели како физички така и психички, причината поради која продолжив да тренирам стана многу подлабока од онаа со која започнав.

2. За да се добие совршена дефиниција на телото, освен вежбањето, потребно е и дисциплина во исхраната. Колку внимаваш на оброците и дали си дозволуваш понекогаш да направиш исклучок?

За добри и забележителни резултати покрај правилното и редовно вежбање неопходно е да се практикува и здрава исхрана. Исхраната придонесува 70% за видлив резултат, додека вежбањето само 30% . Препорачувам луѓето да ги балансираат овие две работи бидејки без ниту една од нив нема добар резултат. Јас внимавам на оброците, но секако дека има исклучоци, пример еден ден во неделата си дозволувам да внесам повеќе калории, па обожавам да се засладам со некое благо или пица, тоа е мојот омилен cheat meal.

3. Многумина се одлучуваат да вежбаат без присуство на професионалец во таа област кои ке ги насочи на правилен начин да ги прават вежбите, па поради тоа потешко доаѓаат до посакуваните резултати. Колку е важно да се вежба со професионалец?

Убаво прашање. Зошто? Затоа што многу е полесно кога ве води некој што веќе го изодел тој пат. Ангажирањето на персонален тренер е најдобар и најбрз начин да ги постигнете своите цели во фитнесот. Неправилното вежбање често резултира со несакани повреди, тренерот е тука за да внимава да не дојде до тие последици и да ве насочи на правилни техники на изведување на истите. Секоја поединка е различна и токму затоа тренерот за вас креира конкретен план на тренинзи и исхрана. Ви го посветува своето внимание максимално, а со тоа резултатите се неизбежни.

4. Среќата е една од најубавите емоции во животот. Што представува среќа за тебе?

Според мене, среќа може да се пронајде апсолутно во се. Ние самите сме креатори на тоа прекрасно и незаменливо чувство. Личниот развој, исполнување и надоградување, здравјето, семејството, уживањето во благодетите на секојдневието, сето тоа е среќа.

5. Вежбањето особено станува актуелно со зголемување на температурите кога започнуваат подготовките за летните денови. Која е твојата препорака до сите оние кои сакаат да почнат да вежбаат и да го доведат своето тело до совршенство?

Моја препорака за сите кои би сакале да изгледаат добро на плажа е да не чекаат посебни денови или моменти туку да започнат уште денес со вежбање. Топлите денови нудат поголема можност за кардио тренинзи во природа кои се успешна комбинација со фитнесот во теретана, особено за намалување на вишокот килограми или за дефиниција на телото.