Вистински музички амбасадор на нашата земја, кој со својот талент и квалитет набргу стана омилен изведувач на многубројни обожаватели на електронската музика. Неговата кариера е поддржана од великаните во денс индустријата како David Guetta, Tiesto, Avicii, Hardwell, Afrojack, Armin van Buuren. За патот до успехот, неговите идни планови и настапи, разговараме со Диџеј Галоски.
1. Од талентирано момче со јасни цели и соништа до светски признаен диџеј со настапи ширум светот и поддршка од најголемите имиња во електронската музика. Колку беше тешко да го постигнеш сето ова?
Лично јас не верувам во успех преку ноќ, за мене такво нешто не постои. Уште од самите почетоци првите лекции кои ги научив беа дека во животот никој нема не заслужено да те однесе на повисоко ниво или да ти подари успех. Клучно е сам да се посветиш и фокусираш, да работиш напорно и можеби најбитно, да останеш доследен на своите цели и соништа.
2. Неодамна најголемиот електронски музички фестивал и бренд во светот TOMORROWLAND ти ја додели ‘FUTURE 4’ титула прогласувајќи те за артист на месец јули. Кажи ни нешто повеќе за ова признание?
Да се биде во радарот на најголемите изведувачи во светот на електронскатa музика, потребна е напорна и истрајна работа. Tomorrowland e најголемиот електронски музички фестивал и бренд во светот – признанието од нив е од големо значење за мене како артист и е огромна инспирација, мотив и поттик за поголеми успеси. Future 4 титулата (артист на месецот) значи дека си постигнал огромни успеси како артист на електронската музичка сцена и твоите изданија биле поддржани од глобалните музички диџејски имиња.
3. Дали подготвуваш нешто ново во моментов?
Секогаш се работи на нешто ново – континуитетот е многу битен сегмент во музичката индустрија. Веќе имам спремно ново издание кое излегува на 15ти Октомври за издавачката куќа ‘Future House Music’ од Холандија. Темата е насловена како ‘Thinking About You’ и e во соработка со композиторите и текстописци од овогодинешната евровизиска песна на Ирска. Истовремено имам склучено соработка и со холандскиот диџеј и продуцент Chico Rose. Очекувам дека до крајот на оваа година официјано ќе може да го споделиме проектот со вас.
4. Кој е твојот најомилен настап досега и колку траел твојот најдолг сет?
Секој настап е приказна за себе, посебни вибрации. Емотивно сум приврзан за последниот настап на Ohrid Calling. Енергијата која што ја примив назад од публиката зрачеше со посебен сјај таа вечер. Неспоредливо! Најдолг настап што сум го имал, мислам дека е во Токио, Јапонија. Не можам точно да се сетам, но траеше околу четири до пет часа.
5. Покрај талентот, амбицијата и напорната работа, колкав фактор има среќата во твојот живот и во твојата професија за да бидеш ова што си денес?
Од моето досегашно искуство, мислам дека колку повеќе работиш и вложуваш труд во она што сакаш да успееш, толку повеќе среќа имаш за истото да биде успешно. Исто и во мојата кариера, огромен фокус, многу напорна работа, трпение и дисциплина. Среќата ги прати храбрите и упорните.