Доколку сте дел од оние луѓе кои стануваат рано наутро, тогаш сигурно ја следите утринската емисија „Здраво Македонијо“. Тој е нејзин заштитен знак уште од самиот почеток на оваа контактна емисија, која и после повеќе години успешно го задржува вниманието на граѓаните опфаќајки ги најактуелните теми и настани во Македонија. Освен за неговите професионални обврски и успеси, разговараме и за сите оние активности и емоции кои кај него ја будат среќата. Во ова издание на #365среќа зборуваме со Роберт Јанков, уредник и водител на утринската емисија „Здраво Македонијо“.
Кој е Роберт кога ќе се изгасат камерите и како изгледа еден твој ден?
Оној истиот што е и пред камерите. Нема некоја голема разлика од тоа како се однесувам пред камерите и по завршување на емисијата. Се обидувам да бидам секогаш професионален во работата и корентен со луѓето во приватниот живот. Кога станува збор за тоа како изгледа еден мој ден, поради светското првенство главна преокупација ми е фудбалот па се обидувам да не пропуштам ниту еден натпревар. Инаку генерално гледам што е можно повеќе деновите да не ми личат едни на други.
Занимавањето со јавна професија носи голем притисок особено кога станува збор за емисија во живо. Колку е тешко да останеш професионалец и да не дозволиш да допрат до тебе најразлични човечки судбини?
Кога водиш контактна емисија во живо ризикот е секогаш голем и мораш да бидеш подготвен на се. Искуството вели дека можеш сешто да слушнеш и да ти кажат работи кои можат да навредат многумина, па и тебе самиот. Се обидувам секогаш да бидам максимално концентриран и внимателно да слушам што зборуваат граѓаните. Луѓето имаат најразлични проблеми и приказни кои не си можел ниту да ги замислиш, затоа е невозможно некогаш да не допрат до тебе и да не помогнеш доколку можеш.
Важиш за еден од најомилените водители кај нас, особено кај повозрасната публика која не може да си го замисли денот без „Здраво Македонијо“. Како успеваш и после толку години да го задржиш нивното внимание?
Претпоставувам дека тоа е искрениот пристап и почитта кон нив. Не е битно дали е некој повеќе или помалку образован, магистер или доктор на науки. Треба да се има ист аршин кон сите бидејќи секое мислење е подеднакво важно. Гледачот и граѓаните не смеат никогаш да се почувствуваат понижени на било каков начин.
На социјалните мрежи, честопати можеме да ја забележиме твојата пасија кон фотографирањето. Доколку не би се занимавал со оваа професија, дали би се пронашол позади објективот на фотоапаратот?
Па мислам дека да. Тоа е една голема страст и хоби кое моментално ми е задоволство и љубов. Уживам да фотографирам и се радувам како мало дете ако направам добра фотографија која ми причинува задоволство. Мислам дека на секој човек му треба нешто преку кое ќе може да ја искаже својата креативност, а притоа да ужива во тоа. За мене тоа е фотографијата.
Среќата е менлива и релативна емоција. Доколку треба да ја дефинираш сега, во овој момент, што претставува среќа за тебе?
Среќа за мене е семејството. Љубовта. Среќа е кога ја гледаш среќата во другите луѓе околу тебе. Среќа е способноста да уживаш во животот таков каков што е.