Категории

6. мај, светскиот ден на хармониката ќе се одбележи и во Македонија

Светската Унија на хармоникашите одлучи 6 мај да го прогласи за светски ден на хармониката во 2009 година. Причината токму овој ден да биде прогласен за ден на хармониката е датумот на кој пред 190 години во 1829 година за првпат е патентиран инструментот.

Здружението “Љубители на класичната музика” Скопје оваа година по единаесетти пат организира концерт по повод интернационалниот празник и роденден на инструментот хармоника.

Свечениот концерт по повод Светскиот ден на хармониката ќе се одржи вечерва со почеток во 20.00 часот во камерната сала на Филхармонијата. Билетите по цена од 150 денари може да се набават на билетарницата.

На концертот ќе настапат реномирани уметници од земјата, како и ученици и студенти од класата на Проф. Зорица Каракутовска. На програмата ќе бидат изведени дела од: Золотарјов, Моцарт, Верди, Дербенко, Бете Илин, Анџелис, Хермоса, Пјацола и други.

Концертот е поддржан преку националната годишна програма за култура на Министерството за култура.

Меѓународниот проект “6-ти мај Светски ден на хармониката” македонското здружение на хармоникашите го поддржува со успешна реализација на концерти во земјата и странство.