Како децата ќе се гледаат себеси и дали ќе веруваат во своите способности најмногу зависи од родителите, тврдат експертите.
Секој родител се надева дека неговото дете развива позитивно чувство на самопочитување, но ретко кој е свесен колку е важна неговата улога. Самоувереното дете се препознава по тоа што има позитивно мислење за себе, верува дека може да ја заврши секоја задача, слободно истражува и не се плаши од неуспех.
Кога децата не развиваат самодоверба, се фокусираат на неуспех наместо на успех, на проблеми наместо на решенија, на препреки наместо на цели.
Внатрешната слика за себе се развива многу рано. Од раѓањето бебето учи како луѓето реагираат на него, а околу 18-ти месец од животот детето станува свесно дека има посебен идентитет. Токму тогаш родителите треба да обрнат внимание на темпераментот и интересот на детето, па според тоа да ги усогласат и своите очекувања.
Не постои единствен рецепт како на своето дете да му вградите чувство на самодоверба бидејќи секое дете е посебна личност. Но, она што на секое дете му е потребно е безусловно позитивно почитување, тврдат експертите, односно прифаќање на детето како личност, дури и кога неговото однесување е неприфатливо.
Децата ја препознаваат искреноста на пофалбата, особено онаа што е насочена кон одредена постапка. Секогаш бодрете ги децата за конкретната задача. Друга важна работа е почитувањето, кое можете да го покажете на неколку начини. Секогаш дозволувајте му да избере и почитувајте ја неговата одлука, дури и ако навидум не е добра. Исто така, родителите треба да се однесуваат самоуверено и сигурно бидејќи детето треба да има соодветен пример дома. Ако сакате да го научите да ги почитува другите, не смеете пред него да имате напад на бес или кавга со друг член од семејството.
Создавајте им на децата многу различни ситуации во кои можат да се искажат и да доживеат успех. Не давајте им задачи кои ги фрустрираат, дозволете им да се обидуваат додека не добијат нова вештина. Тие имаат различни интереси, па избегнувајте ги стереотипите за момчиња и девојчиња.
Понудете им креативни активности и дозволувајте им дружење со други деца. Коментарите на родителите можат да имаат најголемо влијание при создавањето на сликата за себе кај детето. Затоа родителите треба да размислат пред нешто да кажат и да ги објаснат причините што стојат зад одредени правила или одлуки. Со тоа ќе му се помогне на детето да го усвои фактот дека е вредно за почитување.
Brainobraun Europe