Категории

#365среќа Симона Поповска: „Не познавам човек што знае да љуби, а не е среќен. За мене среќа е љубов“

Јавноста ја запозна преку нејзините енергични настапи, одлични вокални способности и уникатен препознатлив стил. За кратко време прерасна во миленичка на публиката, внесувајќи свежина на македонската естрада.

Покрај музиката, нејзините амбиции не застануваат тука. Таа сега може нескромно да се пофали со титулата дипломирана докторка. За нејзините амбиции, желби, идни планови и балансирањето помеѓу музиката и медицината, во ова издание на рубриката #365среќа зборуваме со Симона Поповска.

Во јавноста беше веднаш забележана преку твоите поразлични изведби како големо освежување на нашата музичка сцена. Оттогаш важиш за една од нашите најпознати пејачки, која покрај својата убавина е препознатлива и по одличните вокални способности. Кои се твоите идни планови на полето на музиката?

– Ви благодарам за убавите зборови. Спремам доста новитети меѓу нив се и три нови песни кои што ќе ги промовираме. Се правиме полека не ги избрзуваме работите и секогаш сакаме да го погодиме вистинскиот момент.

Изминатиов период се чини дека беше навистина поволен за тебе. Покрај твојата веридба успехот не изостанува ни на професонално поле, а за тоа е доказ докторската диплома. Поради тоа што медицината и музиката немаат допирни точки, како успеваш да бидеш успешна и на двете полиња и да ги усогласуваш обврските?

– Желбата и љубовта кон двете професии. Едноставно кога не можете да се одлучите, а имате преголема желба и знаете дека тоа е дел од вас, чувствувате дека без едно од нив ќе сте како птица без едно крило, тогаш ништо не ви застанува на патот и со труд полека остварувате на двете полиња. Секако дека е тешко, двете работи бараат да си посветен, некогаш ќе наидете и на критики и предрасуди дека овие две работи не одат заедно, но не се согласувам, ако нешто се сака колку и да е тешко ќе го организирате вашето време, ќе скратите од други задоволства кои не ви се приоритет и ќе се трудите максимално.

Среќата е релативен поим кој многумина го толкуваат на потполно различен начин. Кој е твојот рецепт за среќа и што е потребно за да се чувствуваш задоволно и исполнето?

– За мене среќа е љубов. Колку повеќе давате љубов, толку повеќе ви се возвраќа. Не познавам човек што знае да љуби, а не е среќен. Кога мислам на љубов мислам на тоа се што правите нека биде од срце, искрено и без зли мисли.

Поради тоа што важиш за една од најатрактивните пејачки кај нас, колку сметаш дека надворешниот изглед и грижата за својата убавина е важна за успехот, или пак се сложуваш со изреката дека внатрешниот изглед, карактерот и делата се најважни за да го постигнеме она што го сакаме?

– Секогаш кажувам дека производот е најдобар кога е целосно комплетиран, најдобро е кога се трудиме да бидеме комплетни, да се посветиме максимално и да дадеме се од себе, така и се добиваат најдобрите резултати, а добар резултат секогаш е мотивација за уште поголеми успеси.

Бидејќи важиш за една исклучително реализирана девојка во секоја сфера од животот, за крај, би сакале да дознаеме што е она што тебе те мотивира да се стремиш кон успешен и среќен живот, и кои се оние зборови што ти влеваат самодоверба и тогаш кога е најтешко?

– Мора да имате цел, тоа е она што мене највеќе ме мотивира, сонувам и верувам да ја остварам мојата цел, која е како е едно семе кое е засадено во мене, и секој ден си го полевам со надеж и љубов за на крај да ми го даде плодот кој си го замислувам и се надевам дека тоа и ќе го остварам. Кога ми е најтешко доверба ми влева помислата дека ништо не е без причина се што се случува е лекција, сепак цел живот учиме.