Категории

Денес е Покров на Пресвета Богородица – празникот на сите жени!

Настанот што го слави Црквата денес се случил на 1 октомври 911 година, на едно бдение во Богородичната влахернска црква во Цариград. Црквата била полна со народ. Меѓу народот бил и свети Андреј Јуродивиот со својот ученик Епифаниј.

Во четири часот ноќта над народот се појавила Пресвета Богородица со распослан омофор со кој го покривала целиот народ. Била облечена во порфира и блескала со неискажлив сјај, опколена од апостолите и светителите. Гледајќи го јавувањето, свети Андреј му рекол на Епифаниј: „Ја гледаш ли, брате, царицата и господарката над се, како се моли за целиот свет?” Во чест на тоа јавување и се востанови овој празник. Но, овој празник е само потврда или симбол на славењето на Пресвета Богородица, како заштитничка на целиот православен народ, бидејќи нејзиното заштитништво се покажало многупати и пред овој настан. Тој е потврда, пред се, за нејзиното молитвено застапништво за нас луѓето пред престолот на Троичниот Бог.

Празникот е познат под името Покров, Богородични покров и Женски празник.
Го слават жените за полесно да раѓаат и одгледуваат деца. Тие кои немаат деца на овој ден се молат да добијат.