Се лажеме себеси дека само нашата вистина е единствена вистина. Се лажеме себеси со тоа што се занимаваме со туѓите проблеми иако имаме доволно свои. Се повеќе го „пикаме носот“ во туѓите проблеми а ги игнорираме сопствените.
Кога тогаш, се случува некој наш близок, познаник, пријател да прави нешто погрешно, од наша перспектива и добиваме нагон да го поправиме и да му кажеме дека мислиме дека тоа не треба да го прави.
Ви се случува ли вам да го видите тоа и да знаете дека нема да заврши добро и едноставно морате да го предупредите некого да не прави така или да не делува така, дека веќе сте го пробале и не било добро, па најпаметно е да не го прави. Им ја кажувате својата приказна и ги предупредувате дека е подобро да се откаже, а таа личност ви се лути. Ви вели да не се мешате и да не го „пикате носот“ каде што не му е местото.
Вие имате најдобра намера но едноставно тие не ја тумачат на ист начин.
Затоа е важно да знаете на кого да му делите совети, а на кого не.
Овие правила морате да ги паметите:
-Ако никој не ве прашува вам, не мешајте се никогаш, ама баш никогаш!
-Само ако ве прашаат и ви побараат совет, тогаш дадете го. А и тогаш проверете со прашањето: Го сакаш мојот совет? И после тоа немојте да очекувате дека ќе ве послушаат. Очекувањето ќе ве разочара.
Правилата не се тешки да се запомнат, но е тешко да се применат затоа што поголемиот дел од нас имаме искуство на некое подрачје, само сакаме да им помогнеме на другите за да не им се случи нешто непосакувано. Но, тие другите сепак добиваат нагон да го сторат тоа затоа што така сметаат дека е најдобро за нив.
А околу тоа не треба да се нервираме затоа што поголемиот дел од луѓето учат од сопствените грешки а само неколкумина од грешките на другите. Така е и кај децата. Ако го оставите детето да направи грешка, ќе научи побрзо. Тоа што вие мислите дека ќе го предупредите и ќе го браните да проба, и така ќе научи што е правилно, грешите.
Пред да го впериме прстот во некој друг, треба прво да се погледнеме себеси и да се свртиме кон решавање на сопствените проблеми. Секој има право да пореши а од сопствената грешка може да научи многу повеќе отколку од туѓата.