Не постои ништо подобро од користењето на природни продукти во негата на кожата. Ви споделуваме неколку извонредни рецепти за маски за лице кои можете да ги направите дома а ќе ви дадат сјајни резултати.
Во зависност од типот на вашата кожа, дали се работи за масна, чувствителна, проблематична или сува кожа, таа бара соодветен третман кој ќе и го даде она потребното за таа да изгледа нахрането и здраво. Овие домашни маски се идеалниот избор а потребни ви се само неколку минутки за подготовка.
Маска за сува кожа од јајце и мед
Доколку имате сува кожа на која и е потребна еластичност и хидратација за таа да изгледа свежо и блескаво, иделна домашна маска е онаа со јајце.
Земете едно јајце и одвојте ја белката од жолчката. Почнете да ја матите белката така што ќе добиете пена. Додадете и една лажица мед. Потоа оваа маска нанесете ја на добро исчистена кожа и оставете ја да делува 15 минути. Исплакнете со млака вода.
Маска за кожа склона кон акни
За кожа склона кон акни ви препорачуваме маска од зелена глина и масло од чајно дрво.
Во пластичен сад додадете една лажица зелена книга и додадете 3-4 капки масло од чајно дрво. Добро соединете ја смесата и нанесете ја на исчистена кожа избегнувајќи го пределот околу очите. Оставете 15 минути и исплакнете со млака вода. Потоа нанесете хидратантна крема која не го масти лицето.
Маска за кожа без сјај на која и е потребна хидратација
За кожа на која и е потребна хидратација тука е маската од јогурт и мед. Помешајте 2 лажици јогурт и 1 лажица мед. Направете паста и нанесете ја на лицето и вратот. Оставете додека не се исуши, потоа исплакнете.
Маска за масно лице
Доколку имате кожа која зголемено лачи себум, тука е маската од сок од лимон, зелена глина и ружина вода. Измешајте зелена глина и 1 лажица лимонов сок и додадете неколку капки ружина вода. Маската нанесете ја на лицето избегнувајќи го пределот околу очите. Откако добро ќе се исуши, исплакнете го лицето со студена вода.