Категории

Утре, 8. мај го одбележуваме Светскиот Ден на Црвен крст и Црвена полумесечина

Светскиот Ден на Црвен крст и Црвена полумесечина, 8 мај, е роденден на основачот Анри Динан, и тој ден претставува годишно одбележување на Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Секоја година, Националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина организираат низа активности за промовирање на посебната улога на Движењето во своите земји каде ги решаваат хуманитарните предизвицине оставајќи никој зад себе.

Оваа година, под мотото СИТЕ СМЕ ЦРВЕНИ / TË GJITHË JEMI TÊ KUQ / WE ARE ALL RED,  Црвен крст на град Скопје во соработка со Општинските организации на Црвен крст кои дејствуваат на територија на градот Скопје, ќе го одбележи денот на соодветен начин, согласно моменталните околности заради вонредната состојба во државата.

Во 11.00 часотво магацинските простории на Црвен крст на град Скопје во Момин Поток, ќе се реализира донација на артикли од листата на приоритетни потреби на Министерството за здравство, наменета за Клиниката за инфективни болести во Скопје, како поддршка во услови на зголемена фреквенција на пациенти. За Инфективната клиника набавени се неопходни материјали (1650 парчиња постелнина, ќебиња, перници, пешкири)  кои ќе бидат предадени на директорката на Клиниката Др. Милена Стевановиќ, во присуство на претставници од Пивара Скопје. Финансиските средства за реализација на оваа активност на Црвениот крст е обезбедена од Фондацијата на Coca-Cola компанијата и Пивара Скопје.

· Во рамки на планираните активности, истиот ден, од 10.00 до 11.00 часот реализирана ќе биде дистрибуција и на 500 маски и цвеќиња за граѓаните кои ќе бидат пресретнати од нашите пет мобилни тимови во централното градско подрачје.

 · Активност за одбележување на денот, ќе биде и промоцијата на автобус на линијата број 57 на ЈСП Скопје, брендиран со логото на Црвениот крст и со слики од волонтери на Црвен крст.

Вработените лица и повеќе од 13 милиони волонтери на Црвениот крст и Црвена полумесечина низ целиот свет помагаат на повеќе од 160 милиони лица секоја година обезбедувајќи различни и иновативни непристрасни услуги. Нашиот пристап е универзален, и се темели на нашите основни принципи: хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволна служба , единство и универзалност.

Прегледи:
718
Објавено на:
07.05.2020