Категории

Успение на Пресвета Богородица †

Денес, кога Пресвета Богородица ги затвори своите телесни очи, ги отвори заради нас мисловните, како сесветли и најголеми светилници што бдеат над нас и умилно Го гледаат Бога, смилостивувајќи Го за спасението на светот. Денес, кога нејзините богодвижени усни замолкнаа да го зборуваат човечкото слово, започна непрестајно да говори нејзината застапничка уста, молејќи се за целиот род човечки. Денес, кога ги преклопи своите телесни и богоносни раце, ги подигна нераспаднати во молитва кон Владиката на сета вселена. Денес, додека телесно го напушта овој свет, останува истовремено моќно присутна во него, како единствена надеж и Застапничка на грешниците. Затоа и Црквата така пее: „Во Рождеството девството си го запазила, во Успението светот не си го оставила…“ Додека си заминува горе пречистата Гулабица, не престанува да ги чува тие што остануваат долу. Додека се искачува на Небесата, ги отстранува од нас мрачните лица на лошите духови, застапувајќи се за секого од нас пред Господа.

Ете таков празник празнуваме денес, такво е величието на денешното торжество. Се случува смрт, а празнуваме живот. Се нарекува Успение, а во суштина е воскресение и вознесение. Настанува разделба, но станува збор за најцврсто соединување. Богородица никогаш не го остави родот човечки, туку со најголема мајчинска љубов бдее над него, за негово избавување и соединување со Христа – Вистината, Радоста и Животот.

Неисцрпното богатство на нејзината убавина и милост, оваа ноќ штедро се излеа и врз Бигорската Обител, која собрана околу нејзиниот цветен епитаф, со притекнатите верни, ѝ ги принесуваа во молитва и благодарност своите срца. Чудесна и неминлива беше радоста што блескаше на лицата на монасите и на верните кои зедоа молитвен удел во сеноќното бдение во спомен на нејзиното славно Успение.

А среде таа убавина од возвишени чувства и мисли, посебен украс беше за сите нас, исполнетото со возвишено богословие и восхит, слово на нашиот Старец и Игумен, Владиката Партениј, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение, како еден вид тајноскоп што нѐ воведува во тајните на денешната слава:

Да ѝ благодариме вечерва, мили мои, на Пречистата Владичица наша Богородица, што и во овие тешки времиња нѐ собра во нашата Света Обител, за заедно да го прославиме нејзиното сечесно Успение и да ѝ ги предадеме своите срца како молитвен принос за сиот свет. Навистина ми претставува особено голема радост и чест, што ве гледам собрани заедно, под мајчинската закрила на Царицата небесна. Зашто, сведоци сме како светот околу нас претрпува големи искушенија и луѓето, попречени од заканата и стравот за нивното здравје, сѐ помалку и помалку се собираат во едно заедничко мноштво. Сепак, ние веруваме и знаеме дека со мајчинската помош на Преблагословената, сите искушенија што нѐ брануваат ќе бидат надминати. Впрочем, во развојниот тек на нештата, како во поглед на целокупната општествена историја, така и во личното животно течение на секој човек, последниот збор го има Господ нејзиниот Син, Спасителот наш Исус Христос, Кој зеде човечко тело од Неа.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Светиот отец наш Јован Дамаскин, Божествениот поет на Црквата Христова, во едно од неговите песнопенија ја нарекува Богородица „Славата на вселената, која израсна од луѓето“. Погледнете каква дефиниција, со колку голема чест! Замислете, една Жена стана слава на целата вселена! Единствено таа Личност во историјата, Пречистата Дева Марија, можеше да Го нарече Оној Кој е апсолутно и бесконечно Совршенство, Кој е Создател на небесниот и на материјалниот свет – свој Син, да Му се обрати со зборовите: „Дете Мое“. Он, пак, да ја нарече таа Жена: „Мајко Моја“. Каква чудесна и необјаснива тајна! Преку Неа Словото Божјо влезе во овој свет, снисходејќи толку кон нашата немоќ, што стана како еден од нас. А Таа од своја страна, тоа сесовршено и пречисто Божјо создание, ја сподели мрачната судбина на страданието во овој мачен свет, поради сеопштиот грев на човекот. Тоа ѝ било проречено уште кога го однела четириесетдневниот Богомладенец во Ерусалимскиот храм, од Светиот Симеон Богопримец. Имено, тој чудесен тајновидец, вдахновен од Светиот Дух, ѝ прорекол на Пресветата Богомајка: Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израилот и е знак против Кого ќе се говори. А и на тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат помислите на многу срца (Лука 2,34-35). Светиот Симеон ги изговорил овие зборови, предвидувајќи ја нејзината страшна и страдална глетка, кога ќе Го види својот Син распнат на крст.

Сигурно сте читале или слушнале од Стариот Завет за праотецот Авраам, кој е наречен татко на многу народи. Кога Бог му го кажал тоа пророштво, на неговото име додал уште едно а, означувајќи го мноштвото на неговото идно потомство: Затоа повеќе нема да се викаш Аврам, туку името ќе ти биде Авраам, бидејќи ќе те направам татко на многу народи (Битие 17,5). Меѓутоа, пред да се случи тоа, Аврам и неговата жена Сара не можеле да имаат деца, сѐ додека не биле посетени од тројца необични Патници, од тројца чудесни Ангели – всушност, од Троединиот Бог. Тогаш Авраам добил ветување од еден од тројцата мажи дека до година ќе има син. Во тоа време тој имал сто, а жена му деведесет години, така што природно било веќе невозможно да имаат рожба. Но, Авраам цврсто поверувал во Божјото ветување и промисла, за разлика од Сара, која дури и се потсмевала со зборовите од Ангелот. Наскоро, верата на Авраама не останала празна. Тој и Сара на чудесен начин го родиле синот Исаак. Нешто подоцна, Бог уште еднаш ја ставил на испит верата на Својот слуга Авраам, со тоа што му проговорил и му наредил да Му го принесе на жртва единородниот син: Земи го синот твој единец Исак, кого што многу го сакаш… и принеси го таму како жртва сепаленица (Битие 22,2). Авраам, пријателот Божји, повторно ја докажал својата неприкосновена доверба во Божјата промисла и својата љубов кон Бога и подготвил сѐ, за да го жртвува својот возљубен син единец, што секако, не се случило, бидејќи на Господа не Му се потребни човечки жртви. Оттогаш Авраам стана прототип за вера и татко на сите верници во старозаветниот Израил, а во епохата на Новиот Завет – татко и на Христијаните, кои се новиот Израил.

За разлика од древната Сара, која првично не поверувала и се потсмевала на Божјото ветување, новата Сара, Света Богородица, не само што не се посомневала во зборовите на Архангелот Гавриил кога овој дошол да ѝ благовести за зачнувањето на Синот Божји, туку со сето свое битие се положила во служба на Божјиот Домострој, иако во нејзиниот случај беше уште повеќе невозможно да зачне, бидејќи Таа не знаеше за маж. Од Евангелието читаме како Таа кротко и смирено го прашала Архангелот: Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж? (Лука 1,34) Кога служителот Божји ѝ објаснил дека ќе биде осенета од Светиот Дух и дека во утробата своја ќе зачне Син, Богородица без никаков сомнеж, веднаш ја изразила својата подготвеност и желба докрај да Му послужи на Бога, за спасението на родот човечки: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои! (Лука 1,38) Каква вера и чистота покажала Преблагословената Дева Марија! Единствена е во историјата од Адама до денес, Која не ја извалкала иконата Божја во себе, која ги сочувала неповредени образот и подобието Божји. Токму затоа и стана наследница по вера на прататкото Авраам. Ако Авраам во Стариот Завет беше наречен татко на сите по вера, Богородица сега е водилка на сите во Црквата и Мајка на сите Христијани.

Следствено, кога ние, на светата тајна Евхаристија, се причестуваме со телото и крвта Христови, не само што Го примаме Христа во себе, ами стануваме дел и од Богородица, зашто Таа Му го даде телото на Словото Божјо и со тоа природно станува и наша Мајка. Така, преку Неа се здобивме со Божествено роднинство, станавме сродници Христови. Пресвета Богородица од сите народи, од сите луѓе направи едно семејство, нѐ собра во еден дом, Црквата Божја, која е тело Христово. Нѐ сроди со Себе, меѓу себе и со Бога. Затоа, во една од преубавите и полни со небесна теологија стихири за Празникот, се вели: „Не заборавај ги, Владичице, оние од блиското сродство, кои верно го празнуваат твоето Успение“. Колку возвишено и надумно нешто! Преку Богородица станавме роднини Божји!

Ова спасително и обожувачко сродство го потврдува и Самиот Христос во Евангелието. Имено, кога се наоѓал во еден дом, целиот ден проповедајќи, веројатно гладен и изморен, бидејќи немал време да јаде од што бил зафатен со сеење на Божјото слово во срцата на луѓето, Мајка Му, грижејќи се, сакала да стаса некако до Него, но не можела од народот, па затоа порачала да Го повикаат. Тогаш пристапиле некои до Христа и Му рекле: Ете, Мајка Ти и браќата Твои и сестрите Твои, надвор се и Те бараат. А Тој што им одговорил? „Која е Мојата мајка и кои се браќата Мои?“ Па, упатувајќи поглед кон оние што седеа околу Него, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа. Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат и сестра и мајка!“ (Марко 3,32-35) Секако, овој одговор воопшто не значи дека Тој ја презрел Својата Мајка, туку едноставно сакал да покаже дека, доаѓајќи на Земјата во човечко тело што го зел од Богородица, нѐ направи сите Негово тело, роднини Божји. Големи и тешко поимливи се овие тајни на Црквата. Како тоа Бог да стане човек, за ние да станеме богови по благодат?! Како тоа една Жена да Го смести Несместливиот?! Тајна над сите тајни! Затоа денес во богослужбата на Празникот постојано се повторува: „О, прекрасно чудо!“ „Прекрасни се твоите тајни, Богородице!“

Во Светото Писмо на Стариот Завет, при окончанието на создавањето на светот, на шестиот ден, се вели: И виде Бог дека сето она што го создаде е многу добро (Битие 1,31). Толкувајќи го ова, некои од Светите Отци на Црквата велат дека Бог во Своето Провидение, под тоа многу добро ја подразбирал токму Пресветата Богородица, Којашто докрај останала единствено чиста и Којашто го запазила недопрено и неосквернето совршенството на Божјото создание. Единствена, Која во полнота ја зачувала убавината Божествена. Секое друго човечко суштество паѓало и грешело, паѓа и греши. Нема ниеден кој не го повредил Божјото подобие во себеси. Само Таа, Сечистата и Сесветата, останала да биде совршена икона на Светата Троица. Затоа и се удостоила да стане Мајка Божја, да стане беспрекорен инструмент преку кој се исполни Божјиот Домострој за спасение на светот, како и за сродување на родот човечки со предвечното и надсуштествено Божество. Зашто, според учењето на Светата Црвка, Бог го создаде светот и човекот, за накрај да го соедини творението со Себе. Така што, и да не се случеше падот на првосоздадените во Едем, Словото Божјо повторно ќе станеше човек преку најсовршеното Свое создание – Пречистата Дева Марија и ќе ја сродеше човечката природа со Себе. Најпосле, Тој тоа и го направи со тоа што се воплоти од Богородица и пострада на крстот. Мораше на тој начин, преку страдание и смрт, зашто поради падот на нашите прародители во непослушание и грев и поради последиците од него, овој свет стана драматичен и трагичен. Затоа беше така драматично и Неговото доаѓање во него и трагично беше Неговото излегување од него, преку крсната смрт. Но, и покрај расипаното човештво и царувањето на гревот на Земјата, среде сета таа пеколна нечистотија и кал, се појави еден Божествен крин во многубројните трња во овој свет, Царицата Мајка, Која Го прими во себе Несместливиот и ни Го подари на сите. А Тој, жртвувајќи се и распнувајќи се за сите нас, ни докажа колку нѐ љуби и го сака нашето сродство со Него.

Големо е достоинството што го имаме ние, Христијаните. Денес секој Христијанин го има потенцијалот да биде син Божји, да Го носи Христа во себе. Богородица ни ја подари можноста да бидеме богови по благодат. Овој бесценет дар го примиле и во животот свој го примениле безбројните Светии од небесната Црква, коишто ги славиме и им се молиме и тие ги слушаат нашите молитви и ни помагаат и нѐ поткрепуваат. Нивниот пример сме повикани да го следиме и ние, имаме одговорност да станеме светии Божји. На светата Литургија, пред да ни бидат предложени пречистите Тајни, Телото и Крвта Господови, свештеникот, подигнувајќи го Агнецот со рацете, повикува: „Светињите се за светиите“. Секој Христијанин, значи, е повикан да биде светиња. Да размислиме, мили мои, колку голема одговорност имаме. Нашата вера не треба да се сведе само на тоа, да појдеме в црква, да се крстиме, да се поклонуваме пред иконите, а потоа, кога ќе излеземе надвор, да заборавиме на зборовите Божји, на љубовта Негова, на добрите дела што треба да ги правиме во името Господово. Најсуштествено од сѐ е да имаме љубов кон Бога и меѓу себе. Сетете се на зборовите Христови, дека исполнувањето на Законот Божји се сведува само на две заповеди, имено – тие за љубовта: Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој разум и својот ближен како себеси! (Матеј 22,37-39) Значи, љубовта е таа којашто нѐ прави сродници Христови. А љубовта кон човекот произлегува само од нашата искрена и вистинска љубов кон Бога. Токму преку љубовта, Христијанството докажало и покажало дека е можно сродувањето на човекот со Бога.

Да ја молиме Пресвета Богородица оваа вечер да го покаже и кон нас чудото на нејзината бескрајна мајчинска љубов. А верувајте, ќе го направи тоа, доколку искрено и од срце ѝ се молиме. Зашто, која е таа добра мајка којашто би го одбила своето дете? Која е таа мајка што не го сака доброто на своето чедо? Колку и да се лоши децата, вистинската мајка нема никогаш да ги остави, туку постојано ќе тагува за нив, ќе ги бара, просто ќе прави сѐ, возможно и невозможно, за да ги спаси. Тогаш, колку повеќе ги љуби своите чеда Мајката над сите мајки, најчистата од сите, славата на вселената?! Онаа Која ни ја даде привилегијата да ѝ се обраќаме со Мамо!

Нека Мајката наша небесна ги озари со својата љубов оние што се наоѓаат далеку од светлината Христова, како и нам, Христијаните, коишто сме престанале да бидеме сол на земјата, какви што нѐ посакува Христос Бог. Нека направи сѐ со својата мајчинска слобода пред Синот свој и Бог наш, што повеќе луѓе да проѕрат во тајните на убавините од животот во Христа и да се спасат!

Ви посакувам убаво и молитвено бдение, за полза на сите нас што сме присутни овде, за нашите блиски и за целиот свет. Амин!

Во продолжение беше прочитано благодарствено писмо кон Старецот од неговите духовни чеда од Куќата на Мијаците, кои го исползуваа овој повод да му подарат архијерејска енколпија со ликот на Пресвета Богородица „Достојно ест“:

Ваше Преосвештенство, Старче и Игумене на Свештената Бигорска Обител, г. Партениј,

Наш возљубен татко во Христа,

Владико на срцата наши,

Вие сте човекот, слугата Божји, кој не само што сите нас духовно нѐ родил и нѐ води во Христа Бога, туку и човекот којшто ни отвори нови перспективи во нашите животи, поточно ни подари комплетно нов живот. Заради Вас, свети Владико, ние ја пронајдовме смислата на нашето постоење на земјата; заради Вас многумина од нас ја спознаа светата тајна на бракот и на семејниот живот; заради Вас денес во нашите домови трчаат дечиња полни со живост и светлина, кои се наша душевна храна. Вие, татко наш духовен, ни го подаривте не само духовното, туку и нѐ научивте како правилно да ги ползуваме убавините Божји и од овој свет. Преку Вашата неовоземна љубов, ние сите примивме посиновение во Христа и ги вкусивме благодетите од животот во Христа.

Затоа, благодарни од срце за сите Ваши татковски трудови, грижи, неспокојства, молитви и љубов, ние, Вашите деца од Куќата на Мијаците, Ве замолуваме да го примите овој наш скромен дар по повод Вашата хиротонија во Епископ – архијерејска панагија со ликот на Пресвета Богородица Достојно Ест, иконата која толку силно ја љубите и која секогаш Ве чувала и Ви ги услишувала Вашите свети молитви. Го избравме празникот Успение на Пресвета Богородица, за да Ви го подариме овој скромен дар, токму затоа што Вашата љубов за Мајката на нашиот Бог е огромна и сите ние Ве чувствуваме како нејзин достоен син.

Достоен, достоен, достоен!

Величај го, душо моја, од земјата на небото чесно претставување на Божјата Мајка!

 

Извор: bigorski.org.mk

Прегледи:
618
Објавено на:
29.08.2020