Категории

Саудиска Арабија организира игри од серијата “Squid Game” за туристи

(ВИДЕО) Саудиска Арабија одлучи да ја зајакне својата туристичка понуда со тоа што на посетителите ќе им понуди искуство од прва рака од серијата “Squid Game”. Саудискиот весник пишува дека Министерството за туризам во еден дел на Ријад ја поставило сценографијата од јужнокорејската хорор серија за игра во која натпреварувачите гинат за да се збогатат.

“Squid Game Experience” нуди искуство идентично на она од серијата. Посетителите, како и во серијата, ги пречекуваат војници во црвени униформи, а играта завршува со прогласување на победникот. Играта од серијата е пресоздадена на ниво како никаде на друго место во светот, истакнува саудискиот весник. Туристичкиот одбор издвои речиси 10.000 квадратни метри градски простор околу булеварот Ријад за играта. Наводно, големата игротека била изградена за само 35 дена.

За да биде сцената што е можно пореална, поставена е кукла висока три метри. Организаторите, како што се наведува, успеале верно да ја прикажат серијата и играта, но не ја ризикуваат безбедноста на играчите. Во играта можат да учествуваат до 70 луѓе. Започнува со добивање покани, средба со војници и маскирани лидери, а играчите се соодветно тренирани и играат на различни сетови.

Стотици луѓе, меѓу кои и локални жители и туристи, се испробаа на натпреварот, а билетите беа главно распродадени, пишува Саудиска Газета. Овогодинешната туристичка сезона во Ријад го носи слоганот „Замисли повеќе“.

Саудијците забележуваат дека сезоната започна во октомври минатата година, а дури десет милиони туристи пристигнаа во песочното кралство, најпознато по строгите верски обичаи и резервите на нафта. Ова се сериозни бројки за Саудиска Арабија, која досега ја посетуваа само аџиите во Мека и Медина. Соочена со намалените приходи од „црното злато“, владејачката династија реши да инвестира во туризмот како нова гранка на економијата.

И така, по долги години строги режими за влез, Саудиска Арабија широко ги отвори вратите за туристи од околу 50 земји. Ова се случи, за жал на Саудијците, непосредно пред почетокот на пандемијата. Но, Саудијците се надеваат дека пандемијата полека завршува. Годинава очекуваат рекордни туристички бројки од 50 милиони посетители. И државата се труди да биде домаќин на што повеќе спортски настани за да се профилира во спортскиот туризам.

Многу ограничувања, како оние кои се однесуваат на облекувањето на странските жени или брачниот статус на парот кој сака да изнајми хотелска соба, се отстранети поради проширувањето на услугата. Се шпекулираше и дека може да се воведат зони каде се точи алкохол. Меѓутоа, министерот за туризам неодамна ја демантираше таа гласина.

Прегледи:
295
Објавено на:
12.03.2022