На овој ден именден празнуваат: Антон, Антоние, Андон, Антоанета, Доне, Дончо, Донка, Тони…
Свети Антониј е роден во Среден Египет, во 251 година. На 20-годишна возраст остана без родителите. Мораше да се грижи за останатото богатство и за својата помала сестра. Еден ден во црква ги слушна зборовите: Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го имотот и раздај го на сиромасите и ќе имаш ризница на небото, па дојди и врви по мене, па го раздаде имотот, а со малиот остаток ја згрижи сестра си и го започна подвижничкиот живот. Целиот негов живот стана исполнување на овие зборови. Во текот на многу години ги помина сите скалила на духовниот живот и со својот живот стана пример за сите монаси до денешен ден. Се упокои мирно на свои 105 година, во 356 година.
М. Цепенков во записите за светците вели дека „свети Наум, Свети Андонија и свети Спирудон – да лекуат улаите.“ Во прегледот на еснафските празнувања Цепенков запишал дека св. Антониј го празнувале како еснафски празник ковачкиот-цигански еснаф како и цигуларите и амалите.
Празникот Св. Андон во Гевгелиско се сметал за тежок празник и аталија, празник за лудите луѓе. Особено св. Андон се сметал за заштитник од лудилото и од ѓаволот. Таму каде што тој ќе се јавел ѓаволот морал да бега далеку 24 часа. Еднаш ѓаволот дошол кај св. Андон и почнал да тропа на вратата. Сакал да влезе и да го залаже да не оди во црквата. Но св. Андон го здрвил пред вратата и ѓаволот пукнал. После ова кога некој боледува од лудило покрај постелата му ја ставаат иконата на св. Андон. Било од каква болест да боледува човек покрај Евангелие му носат и икона од св. Андон и веруваат дека ако му е за умирање ќе умре, а ако му е за станување ќе оздрави.