Плускавците на нозете се чест проблем, особено во текот на топлите месеци од годината. Непријатните и болни меури се појавуваат како резултат на триење и иритација на горниот слој на кожата.
Повеќето плускавци се исполнети со проѕирна течност, но може да бидат и полни со крв или гној ако се воспалени и инфицирани.
Доколку имате проблем со плускавци, следните домашни лекови ќе ви помогнат побрзо да се ослободите од нив.
АЛОЕ ВЕРА
Алое вера е одличен избор за справување со плускавците. Ова растение изобилува со состојки кои имаат антиинфламаторно дејство, па според тоа го намалува црвенилото и воспалението. Дополнително, поради големото количество на вода што го содржи, алое верата овозможува хидратација на проблематичната област, со што се забрзува процесот на заздравување, особено доколку плускавецот е веќе пукнат.
Ставете свеж алое вера гел на плускавецот и оставете го да се исуши. Потоа исплакнете го со млака вода. Друга опција е да го комбинирате алое вера гелот со масло од една капсула витамин Е.
ЗЕЛЕН ИЛИ ЦРН ЧАЈ
И црниот и зелениот чај делуваат антиинфламаторно, но зелениот чај има поинтензивно антиинфламаторно дејство. Затоа, доколку имате избор, одлучете се за зелениот чај. Во 250 милилитри жешка вода, ставете една кесичка зелен чај и оставете ја да отстои 5 минути. Потоа оставете го чајот на собна температура додека да се излади. Натопете парче памук во чајот и ставете го на плускавецот да стои 15 до 30 минути. Повторувајте ја постапката 2-3 пати на ден.
ВИТАМИН Е
Витаминот Е го стимулира процесот на заздравување и го спречува создавањето на лузни. Земете една капсула со витамин Е и ставете го маслото од капсулата на плускавецот. Оставете го да отстои најмалку 30 минути. Повторувајте ја постапката секој ден.
ПАСТА ЗА ЗАБИ
Поради состојките кои ги содржи, како сода бикарбона и ментол, пастата за заби може да помогне во справување со болните плускавци. Затоа, ставете малку паста за заби на зафатената област и оставете ја да стои околу 2 часа. Потоа отстранете ја со млака вода и ставете крем за стапала. Повторувајте ја постапката 1 до 2 пати на ден, сè додека плускавецот не исчезне. На овој начин се овозможува побрзо сушење на плускавците и се намалува болката и чешањето.
Напомена: Не ставајте паста за заби која е наменета за белеење на забите.
КАМИЛИЦА
Благодарение на состојките кои ги содржи чајот од камилица, се овозможува намалување на болката и отокот на плускавецот. Направете силен чај од камилица (во 250 милилитри вода ставете 2 кесички чај) и оставете го на собна температура да се излади. Земете парче памук и натопете го со чајот од камилица. Ставете го памукот на плускавецот и оставете го да отстои 10 минути. Повторувајте ја постапката неколку пати на ден.
ЈАБОЛКОВ ОЦЕТ
Јаболковиот оцет има антибактериско дејство, па според тоа, доколку плускавецот пукне, може да ја спречи појавата на инфекција. Сепак, треба да се напомени дека ставањето на јаболков оцет на плускавецот може да предизвика локално печење и црвенило. Затоа, доколку се одлучите за овој природен лек, ставете мало количество на јаболков оцет и сосем нежно аплицирајте на проблематичната област.
КУРКУМА
Куркумата се смета за природен антисептик, па според тоа може да помогне во олеснување на болката, намалување на воспалението и спречувањето на развој на инфекција. Промешајте една кафена лажичка куркума со малку вода за да добиете хомогена и густа смеса. Ставете ја смесата на плускавецот, оставете да отстои 10 до 15 минути, па измијте ја со млака вода. Повторувајте ја постапката 2-3 пати на ден сè додека плускавецот не исчезне.
ВАЖНО!
Плускавецот НЕ треба да се пука. Но, доколку ви предизвикува голема болка, следете ги следните совети:
- Темелно измијте ги рацете;
- Земете чиста и неупотребена медицинска игла;
- Премачкајте ја со алкохол;
- Прободете го плускавецот во страничниот дел и оставете течноста да излезе;
- Измијте го местото со вода и сапун;
- Ставете антибиотик и заштитете го местото со завој или фластер;
- Менувајте го фластерот секој ден.
НАПОМЕНА: Не отстранувајте го горниот дел од плускавецот, освен ако е многу валкан или течноста што излегла е гнојна.
Извор: Фемина.мк