Лимоновото дрво покрај убавите плодови што ги дава, може да биде и одлична украсна билка.
Одгледувањето лимон од семки е многу интересно особено за децата, кои после испиената лимонада можат да го следат развојот на билката и со неа да растат. Иако лимонот започнува да цвета уште како многу млада билка, плодовите ќе ги донесе дури после неколку години.
Процесот е многу лесен, а за тоа ќе ви бидат потребни само земја и семки:
Одберете ги најголемите семки од лимон или цитрон. Исчистете ги од надворешната лушпа.
Прелијте ги со вода и оставете ги така 6-7 денови. Водата менувајте ја секој ден.
При потопувањето лимоновите семки се прекриваат со желатинеста кожичка, што е нормално. На дното од чашата ставете неколку каменчиња за да се созададе дренажа, а после чашата дополнете ја со земја.
Семчињата се ставаат во земјата со остриот крај надолу, оставајќи меѓу нив простор од околу 5 мм.
После тоа семките се прекриваат со крупен песок или многу ситни камчиња. Не заборавајте да ја прскате површината со вода на секои 2-3 дена. Можете да ја поклопите чашата со најлонска кеса или фолија, создавајќи на тој начин ефект на градина.
Продолжете да прскате со вода еднаш во два дена и на тој начин да го потпомогнете нивниот раст. За 7-8 денови треба да се појават првите никулци.
Ако се појавиле многу никулци, можете внимателно да ги пресадите во друг сад, за да не им биде тесно. После 3-5 месеци, кога расадите ќе пораснат, одберете ги најубавите и најсилните, па пресадете ги во поединечни поголеми саксии.
Составот на земјата треба да остане ист. Сепак, немојте да очекувате дека дрвото ќе роди ако не го калемите, но со добра нега може да порасне многу убава и раскошна собна билка.
Лимонот сака да се тушира. Летно време треба да се тушира, да се ѓубри со храна за цитруси и по можност да се изнесе надвор на воздух. Кој има градина, може заедно со саксијата да ја вкопа на сончево место.
Зимно време лимонот сака светли и свежи простории, секако без мраз. Зимно време треба да се полева умерено, само колку да не се пресуши земјата. Ако опаднат листовите не треба да се грижите, бидејќи тоа е нормално.
Во пролет лимоновото дрво треба да се кастри, а за кратко време ќе пораснат нови гранчиња и ќе се формира убава грмушеста крошна.