Категории

Меѓународен ден на трудот, Први мај: Што одбележуваме денес?

Меѓународниот ден на трудот, Први мај, се одбележува денес ширум светот, како и во Македонија, во знак на сеќавање кога работниците од Чикаго со штрајк и протести почнале да се борат за осумчасовно работно време.

На овој меѓународен празник се прославува 1. мај 1886 година, кога повеќе од десетина илјади работници во Чикаго излегле на улица барајќи подобри услови за работа и осумчасовно работно време. Организаторите на протестот претходно своите барања ги упатиле кон своите работодавци и властите барајќи да ги исполнат до тој датум. Како одговор, следела репресија, а во немирите со полицијата имало жртви и ранети од двете страни. Како резултат на тоа, седум синдикални активисти биле осудени на смрт.

На вториот конгрес на Работничката интернационала се одлучило од 1. мај 1890. година ширум светот да се одржуваат масовни манифестации, демонстрации и штрајкови, како еден од видовите на класна борба, што до крајот на 19. век и почетокот на 20. век добило масовни размери.

Во Македонија и регионот со тек на време станало обичај на овој ден да се прави Првомајски излет во природа. Денот на трудот најмасовно е одбележуван во социјалистичките земји по војната, кога се одржувани паради и слични манифестации.

Во последните години, првомајските протести повторно се актуелни, собирајќи незадоволни работници чија положба поради економската криза станува сѐ потешка.