Категории

Мислев дека можам да бидам љубовница, а потоа љубомората ме претвори во лудак!

Во своите триесетти започнав врска со оженет маж. Не, ова не е типична приказна за прељуба: знаев дека е оженет и дека тој и неговата сопруга имаат „слободен и отворен брак“.

И претходно бев во отворени врски. Се чувствував сексуално слободна, дека не би можела да бидам повредена ако од почетокот знам во што се впуштам и со кого имам работа.

Дури и во минатите моногамни врски сметав дека е секси кога мажот гледа други жени, па кога тие ќе го забележат него… Постоеше некоја игра која ме мамеше.

Јас секогаш имав слобода да се гледам со други луѓе и да поминувам време со нив. Но, тогаш нешто се промени. Мојата светлина се претвори во нешто мрачно.

Уживав во почетниот флерт, секс, забава, заеднички моменти, а потоа почнав сѐ повеќе да се грижам за него и буквално и фигуративно.

Нашиот однос дополнително се искомплицира, бидејќи и покрај неговиот отворен брак, тој одлучи јас да бидам тајна. Ми рече дека тој и неговата сопругазаедно имаат љубовници, но и одвоено, но не ми објасни зошто јас морам да бидам тајна.

Некои парови имаат договор за изневерување, под паролата: „не видов и не знам! Не ме замарај и нема да те замарам…“ Но, тие двајца отворено си признавале еден на друг дека имаат афери настрана.

Поради тоа ние двајца се криевме наоколу, што на почетокот беше интересно. Уште дополнително се „загреав“ за него бидејќи не смеев да му пишувам пораки во текот на денот, ниту пак да му се јавувам, туку морав да чекам тој да ме побара.

Колку поретко ми се јавуваше, толку пољубоморна станував. Тој стана моја опсесија, а јас болно љубоморна.

Оваа огромна љубомора буквално ме обзеде и не можев да и се спротивставам. Бидејќи и двајцата бевме активни на социјалните мрежи, почнав будно да ги пратам сите негови објави, секоја слика…

Ги анализирав песните кои ги споделуваше, страниците кои ги лајкуваше. А потоа почнав да ја следам и неговата жена преку социјалните мрежи. Ги гледав нивните заеднички фотографии, внимателно гледајќи како ја гледа и прегрнува…

Ги знаев имињата на сите нивни пријатели, домашни миленичиња, каде работеле и што работеле.

Во моето срце немаше место за ништо друго, бидејќи тој беше сѐ за што размислував. Знаев дека тоа е нездраво, но не можев да запрам. Никому не можев ниту да кажам за својата љубомора, бидејќи никој не знаеше дека сме во врска, криевме од сите.

Да бидам „онаа другата жена“ е стереотип во кој мислев дека никогаш нема да се најдам. Само сакав да се будам и да заспивам со него и ништо друго не ми беше важно.

Имав силна желба да се претворам во неговата сопруга, да ги правам работите што ги прави таа за да го привлечам уште повеќе. Потполно заборавив која сум и поради што му се допаднав уште на почетокот.

Љубомората направи место за сите други работи во мојот живот. Се гледавме ретко, многу се каравме, а пораките со лоша содржина беа секојдневие. Го меморирав неговиот број под името „Не се јавувај!“, но не можев да одолеам.

Таа деструктивна љубов потполно ме уништи. Бидејќи на работа не бев продуктивна, ми се заканија со отказ. Тоа беше најмрачниот период во мојот живот. А потоа тој одлучи дека не сака повеќе да се гледаме и ја прекина врската.

Тогаш си дозволив себеси да размислам за ова што го правам. Со денови ги анализирав постапките од тој „мрачен период“ на љубомората која ме обзеде. Одлучив да се освестам. Го избришав неговиот број од телефонот и одлучив некое време да не влегувам во врска, за целосно да ја исфрлам љубомората од системот.

По два месеци отидов на состанок со човекот со кој бев во врска следните 7 години. Покрај него можев да бидам тоа што сум. Со задоволство ме слушаше, а со уште поголемо задоволство ме претставуваше пред сите.

Честопати се прашувам дали би го сретнала и дали би се заљубила во него ако не западнев во таа црна дупка? Можеби.

Сепак мислам дека едноставно морав најпрво да се најдам себеси за да влезам во нормална, а не имагинарна врска.

Прегледи:
502
Објавено на:
15.10.2019