Категории

„Нема да платам“ вечерва премиерно во Театар Комедија

„Не можам да платам и нема да платам!“ е дело со возбудлива и богато развиена наративна структура, исткаена со внимателно одбрани универзални мотиви и впечатливи и јасно обликувани карактери. Поради основната тема која претставува духовна критика на социјално економската природа на капитализмот, ова дело е секогаш актуелно и укажува на фактот дека „Не можам да платам и нема да платам!“ е една од најизведуваните комедии во 20 и 21 век.

Оваа духовита фарса е раскажана во форма на течна и жива нарација во рамките на едно прецизно и цврсто структуирана приказна која на претставата би и овозможила лесна комуникација со театарската публика. Сите ликови на поинаков начин се обидуваат да преживеат растргнати меѓу чесноста, правните закони и голата сиромаштија. Низ пргавата борба на ликовите во сурови услови која испливува низ крајно духовити ситуации, авторот ги поддржува оние најпотиштените.

Претставата „Нема да платам“ чија премиера ќе се одржи вечерва на 27. декември во 20 часот во Театар Комедија, режијата е на Александра Кардалевска, а драматург е Дарко Јан Спасов. На театарската сцена ќе имате можност да ги видите Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Зорица Нушева, Жаклина Петровска и Александар Михајловски. Сценографијата е на Зоран Ѓурески, а за костимографијата се погрижија Маја Ѓуреска и Антонија Гунинска Јорданоска.

Политичката фарса на Дарио Фо која за прв пат е изведена во 1974 е инспирирана од вистински случувања кои дошле како реакција на инфлацијата во Италија предизвикана од нафтената криза во седумдесеттите. Имено, осиромашените граѓани се спротивставиле на рецесијата со штрајкови и одбивале да ги платат новите повисоки цени за стоките и услугите. Доловувајќи еден ваков настан кога граѓаните влегле во маркетите и за земените намирници платиле онолку колку што можеле, авторот ни покажува две жени, Антонија и Маргарета, кои се обидуваат да ја сокријат наполу украдената стока од нивните чесни сопрузи, Џовани и Луиџи креирајќи лажна бременост.

Критиката упатена кон корумпираните политичари поради нивната алчност за збогатување на сметка на граѓаните овој пат е прикажана индиректно повеќе како реакција на работничката класа за таквото однесување. Дарио Фо во делото се осврнува кон поединечни судбини на два млади сиромашни брачни парови. Имено, Антонија и Маргарета веќе неколку месеци не можат да ја платат киријата ниту да го снабдат домаќинството со основните намирници. Додека Џовани и Луиџи, нивните сопрузи се на чекор пред загубата на нивните работни места во фабриката.

Наспроти осудата за одредена комплицирана општествена матрица, делото, како и сценската интерпретација, на идејно рамниште ја промовира пораката за изградба на свет кој ќе содржи повеќе хуманост, солидарност и братство во меѓучовечките односи. Оваа модерна претстава низ низа перипетии, метафори и пресврти тежнее да допре до широката публика промовирајќи позитивен поглед кон животот, а прикажувајќи ја борбата со секојдневните економски и социјални проблеми, претставата наместо кон очајување води кон хумор.

Прегледи:
976
Објавено на:
27.12.2018