Категории

Отворена првата „Фабрика за учење“ на Машинскиот Факултет – Скопје

Во рамките на активностите на проектот „Learn4SMEs – Learning Factory for Improving Digital Competitiveness and Industry 4.0 Readiness of SMEs in the Balkans“ овозможен од Европскиот Институт за Иновации и Технологија (EIT Manufacturing) и кофинансиран од Европската Комисија, во периодот од 10.11.2022 до 11.11.2022, во просториите на Машинскиот Факултет во Скопје, се одржа работилница на темата „Подготвеност на малите и средни претпријатија (МСП) за Индустрија 4.0 и Паметна Специјализација“.

Домаќин и организатор на работилницата беше партнерот во проектот – Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО), а лица одговорни за организацијата на настанот беа вонр. проф. д-р Бојан Јованоски, проф. д-р Роберт Миновски и асс. м-р Александар Аргиловски.

Главната цел на овој проект е оформување на првата „Фабрика за учење“ (Learning Factory) во земјава, по примерот на голем број европски земји кои веќе неколку години наназад го практикуваат овој концепт на образование, тренинг и истражување.

Фабриката за учење на Машинскиот Факултет во Скопје се фокусира на технологиите на Индустрија 4.0 производната филозофија Lean. Во моментов, лабораторијата се состои од рачна и паметна Poka Yoke станица за монтажа без грешки, но наскоро се очекува сите планирани производни модули на фабриката за учење да пристигнат и истата да биде комплетирана.

Целта на ваквата поставеност е да се симулира реална производна линија, а притоа преку низа на експерименти со опремата, да се решаваат проблеми од областа на индустриско инженерство и менаџмент, поточно Lean менаџмент, планирање и управување на производството, системи за мерење на учинокот, моделирање и симулација на деловните процеси, системи за менаџмент на квалитетот и слично. Покрај информативната сесија за целите на проектот и идејата за Фабриката за учење, одржани беа и низа тренинзи на тема „Lean Manufacturing 4.0“ на платформата www.skillsmove.eu, која е во функција на проектите на Европската Комисија.

Идејата е оваа Фабрика за учење да расте во идниот период и да стане препознатлив центар за дигитализација и Lean во земјава. Во истата добредојдени се сите заинтересирани компании кои сакаат да го насочат развојот на нивните бизниси и вработени во насока на дигитална трансформација преку технологиите на Индустрија 4.0 и оптимизација на производството потпомогната од Lean.

Во текот на двата дена, присуствуваа повеќе од 60 вработени од над 30 различни компании. Од страна на сите учесници беше изразено задоволство од начинот на кој беше организиран дводневниот состанок, тренингот и практичниот пример, како и од идеите и насоките за идните активности поврзани со Фабриката за учење.

Прегледи:
272
Објавено на:
17.11.2022