Доказ дека никогаш не е доцна за остварување на соништата и забавно живеење се Бон и Пон, пар од Јапонија кои со своите модни комбинации воодушевуваат. На Инстаграм имаат повеќе од 700.000 следбеници кои со нетрпение искчекуваат да видат која е нивната следна комбинација.
Вистинските имиња им се Tsuyoshi и Tomi Seki. Тие во шеесеттите години од животот станаа ѕвезди на социјалните мрежи сосема случајно. Сега редовно објавуваат заеднички фотографии од секојдневниот живот на кои се слично облечени – сличен стил и боја. Едноставниот, а впечатлив изглед го пофалиле и многу модни критичари.
„Не станува збор само за нашата координираност во изборот на облеката, туку ние се обидуваме да пронадеме парчиња облека кои ја надополнуваат и нашата околина. Ние носиме едноставни, евтини облеки кои секој може да си ги дозволи“, вели Tsuyoshi.
Овој симпатичен пар се запознал во студентските денови, двајцата посетувале Уметничко училиште во Токио. По завршувањето на студиите тој работел со дизајн и маркетинг, а таа се грижела за семејства.
„Сакаме да покажеме дека пензионирањето може да биде забавно, особено ако најдете нешто во кое и двајцата уживате“, додава Tsuyoshi.
Нивната симпатична колекција наскоро ќе се најде на пазарот.