Периодот на новогодишни и божиќни празници освен добрата храна и дружење носи и некои непријатни активности, како што е фрлањето петарди кое е опасно за сите, а особено трауматично за домашните миленичиња.
Преку овие совети ќе дознаете како барем малку да им помогнете на вашите миленичиња во текот на овој период и да ги заштитите од траумите кои им ги предизвикуваат петардите и огнометите.
Најдете место во вашиот дом каде што мачката или кучето ќе можат да се сокријат и секогаш ќе имаат пристап до тоа место. Тоа може да биде под мебелот, во некој плакар, а може да го направите и во најтивката просторија од вашиот дом.
Ако имате куче, оставете му во таа просторија играчки за да ги поврзе со сигурноста, безгрижноста и уживањето. Во тој случај, кога ќе ги слушне непријатните звуци ќе отиде токму на тоа место.
Кога станува збор за мачките, за нив е доволно да се сокријат под столчето или креветот или во некој мирен агол. Не ја мамите да излезе надвор додека сама не е подготвена за тоа, бидејќи на тој начин ќе и предизвикате уште поголем стрес.
Погрижете се вашата мачка или куче секогаш да се наоѓаат во сигурно опкружување
На тој начин не може да побегне на улица ако се преплаши. Вградете му на миленичето микрочип за полесно да го пронајдете во случај да избега.
Кога ќе падне мрак, затворете ги прозорите и навлечете ги завесите и пуштите музика за да го прикриете звукот од огнометот или петардите.
Игнорирајте го и вие звукот на петардите
Забавувајте се со играчката на вашето куче за да го поттикнете и него да ви се придружи, но не го форсирајте да си игра доколку не сака.
Куќичката во која живее вашето куче делумно прикријте ја со ќебе
На овој начин еден дел од неа ќе биде заштитен од звуци. Внимавајте миленичето и понатаму да може да гледа што се случува надвор од куќарката. Обезбедете му на миленичето дополнителна прекривка во која може да се сокрие.