Категории

Протест во Кочани за санкционирање на „монструмот“ кој се изживува со животни

Повеќе здруженија за заштита на животните денеска во Кочани протестираа поради тоа што институциите не реагираат на постапките на лицето Н.Т. за кое велат дека продолжува да мачи животни, а граѓаните стравуваат дека претставува и опасност за заедницата.

„И животните имаат чувства и право на живот“, „Од убиство на животни, до убиство на човек има само еден чекор“, „Правда за животните“, се само некои од пораките кои граѓаните ги испратија до надлежните.

„Фрапирани сме од ова што се случува со толерирањето на вакво монструозно дело во градот Кочани. Затоа и решивме да го дигнеме гласот кога институциите затајуваат, кога граѓаните се изложени на психички притисоци и кога животните страдаат. Доколку овој протест не вроди со плод, се прашуваме што следи понатаму. Дали тоа ќе биде показател дека ова општество ги толерира таквите луѓе, а не води сметка за граѓаните врз кои има психолошка тортура со непроспиени ноќи“,  Климент Арнаудов од здружението „Анималиа“ од Охрид.

„Овој случај не треба да биде дијагностициран и анализиран од здруженијата за заштита на животни, туку од соодветните институции наменети за тоа. Еден злосторник од вакви размери и кон луѓе и кон животни истовремено, не смее, не може и нема да биде толериран“, рече Александра Арсова.

Протестот беше организиран од здружението „Втора шанса“ од Кочани, а поддржан беше и од другите македонски здруженија за заштита на животните.

Тие од претходно апелираа дека лицето Н.Т. е насилно, со психички нарушувања и бараа институциите, полицијата, општината, социјалните служби да го спречат во неговото изживување со животните.

Автор на фотографиите од протестот е Крум Јаневски.

Извор: Радио МОФ

Прегледи:
382
Категории:
Секојдневие
Објавено на:
28.11.2016