Категории

Сакате ТОЈ да дотрча дома? Еве што треба, а што не треба да правите

Спречете неверство: Што помага?

Истакнување на љубовта и на грижата

Најделотворно донесување е она со кое се покажуваат меѓусебна љубов, топлина, приврзаност, грижа и нежност. Ова се однесува на вербално искажување љубов, но и на физичко – преку допири. Вклучува давање комплименти, љубезна комуникација и искажување љубов со изрази како што се „те сакам“, „убаво ми е со тебе“, „многу ми значиш“, како и давање помош на партнерот кога му е потребна. Изгледа дека вниманието, приврзаноста и уважувањето на партнерот се најдобри афродизијаци.

Грижа за физичкиот изглед

Грижата за физичкиот изглед ја зголемува партнеровата насоченост кон нас, а го намалува интересот за конкуренцијата. Тоа вклучува физичко дотерување и убаво облекување, но и одржување здрава телесна тежина и зголемување на телесната привлечност со вежбање и занимавање со спорт.

Направете партнерот да се чувствува посебно: наградување

Посебно осмислен подарок или мало внимание добро влијаат врз мажите и жените. Жените посебно реагираат на романтични вечери, излети или на купување внимателно избрани подароци. Мажите реагираат на сексуално, еротско внимание, задоволување со физички контакт и на исполнување сексуални желби. Всушност, шансите по долгогодишен однос со една личност да почувствуваме привлечност кон друга се доста големи. Исклучително е важно двојката да може отворено да зборува за таа можност и двата партнера да сфатат дека дека привлечност кон некој друг за време на долгогодишната врска е веројатна, ако не и неизбежна. Таа привлечност е очекувана без разлика на количеството на љубов, но – најважно е што не мора да биде остварена. Разговорот со партнерот за привлечноста кон некој друг во голема мера ја намалува веројатноста дека тој однос ќе се оствари.

Вашиот однос нека ви биде приоритет

На почетокот на некој однос, додека сме многу вљубени, односот е во центарот на нашиот свет и на нашите мисли. За тоа се одговорни силните биохемиски процеси што се случуваат во нашиот мозок. Во текот на животот, голем број други обврски и грижи ни го одвлекуваат вниманието. Потребно е дополнително да се потрудиме заедничкиот однос да ни остане приоритет. Истражувањата покажуваат дека за она што се трудиме го проценуваме како повредно, а интересно е и тоа што оние партнери што успеале да изградат и да зачуваат среќен однос имаат нешто заедничко: редовно и често си искажуваат љубов и приврзаност, се допираат, гушкаат, се бакнуваат и се држат за раце.

Бидете си еден на друг најдобар пријател

Јавете се еден на друг кога ќе ви се случи нешто убаво или грдо. Негувајте ја идејата дека вие и партнерот сте тим што заедно се поти, плаче и слави. Кога зборувате за партнерот пред други, употребувајте позитивни зборови, истакнувајте ги меѓусебната поврзаност и заедништво, партнеровите доблести и она што сакате да го правите заедно. Зборот „ние“ нека биде неизбежен во вашиот речник кога размислувате и зборувате за својот живот. Бранете се еден со друг и бидете си поддршка, и кога сте сами, и кога сте со други луѓе. Разговарајте за брачните грижи и проблеми меѓусебно, а не со пријателките или со мама. За нив не разговарајте ни со колегите или со пријателите од спротивниот пол – токму така многу често почнува неверството.

Секојдневното е важно

Секој ден настојувајте еден на друг да си пружите внимание. Испратете нежна порака, прегрнете се без причина, одморајте се заедно, допрете се во поминување, пофалете го партнерот. Кажете му дека го сакате и дека ви е важен. Кажете му дека ве прави среќна. Заблагодарете му се на помошта. Гледајте го во очи. Секој ден пронајдете барем 15 минути за меѓусебен разговор, без телефоните, телевизорот или извршување некои обврски.

Сексуалноста нека не биде само секс

Сексуалноста почнува со допир, внимание, насмевка, комплимент – а не со стимулирање на половите органи. Квалитетната сексуална предигра вклучува насоченост кон другиот, интерес за другиот и голема фантазија. Сексуално интелигентните луѓе сфаќаат, меѓу другото, дека предиграта не е нешто што го правите неколку минути пред сексуалниот чин, туку почнува веднаш по претходниот оргазам и трае до следниот. Тие сфаќаат дека е неопходно да се планира времето за секс, за да биде поквалитетен. Тие не се препуштаат исклучиво на спонтаност. Митот за спонтано паѓање во страст од чиста мира, меѓу пеглање и готвење вечера, едноставно не е реален. На овој совет луѓето често ги превртуваат очите и велат дека не им одговара бидејќи сметаат дека токму спонтаноста е она што го прави интересен сексот. Меѓутоа, токму во почеток на врската, кога луѓето се многу вљубени и кога сексот не е проблем, тој е најчесто добро испланиран. На пример: сте излегле заедно и очекувате дека потоа ќе имате секс. Детално сте се подготвиле, сте се издепилирале, сте се дотерале и сте го нанеле омилениот парфем. Сте планирале да имате сексуален однос и веројатно во текот на денот се го исчекувале и сте мечтаеле за него. Токму таа свесност дека ќе имате секс е одлична предигра.

Не идеализирајте го партнерот

Тој не е совршен, како ни вие, а секое идеализирање ќе ве однесе во разочарување. Вљубеноста е полна со идеализирање, а кога ќе ослаби (а секогаш слабее) следува отрезнување. Зрелата љубов носи во себе длабока свесност за тоа дека партнерот не е совршен, дека има мани и дека може да згреши – понекогаш и многу сериозно, како што можеме и ние. Бидете склони да си простувате себеси, па така полесно ќе му простите и ќе бидете понежни и кон партнерот.

Научете да се карате подобро од вчера

Сите двојки одвреме-навреме се караат. Ако престанавте да се карате, треба да се запрашате дали можеби сте паднале во криза. Двојките што не се караат всушност паднале во апатија и се откажале еден од друг. Оние што се караат, често го прават тоа на незрели начини, онака како што ќе им дојде спонтано, а најчесто онака како што научиле во рамките на своето семејство. Со караницата притоа управува вознемиреноста, а не самата личност. Важно е да станете свесни за фактот дека карањето е вештина. Можете да научите да го правите тоа подобро од вчера. Прекрасно е чувството да можете да управувате со себе кога сте вознемирени, а најдобро од сè е кога ќе видите колку добри резултати можете да постигнете со таквиот пристап. Ако не успеете сами, обратете се на стручњак за да ви помогне во тоа.

 Бидете посебно внимателни во периодите на големи животни промени

Раѓање бебе, влегување на детето во пубертет, губење на работата, враќање на работа по подолга пауза или која било друга поголема животна промена се периоди на засилена несигурност и напнатост за двајцата партнери. Не заборавајте дека секоја животна промена што му се случува на едниот, се однесува и на другиот партнер. Разговарајте за тоа, бидејќи свесноста дека се наоѓате во деликатна животна фаза значително го олеснува разбирањето на сопственото и на партнеровото однесување.

Донесете одлука дека ќе бидете верни

Прифатете дека превенцијата на неверството почнува во вас. Ако сте насочени само кон тоа партнерот да ви биде верен, го пропуштате оној дел од приказната врз кој имате најголемо влијание и најголеми шанси за успех. И самите знаете дека е невозможно да се контролира однесувањето на другиот, но затоа е возможно да се контролира сопственото. Донесете одлука дека ќе бидете верни и негувајте ја таа одлука. Неверството, како и верноста, се дел од нашата свесна одлука.

Извор : Убавина&Здравје.мк

1 2

Прегледи:
809
Објавено на:
24.07.2017