Тимот на „Медена земја“ по вчерашното издание на Оскарите се обрати на својата публика преку официјалната Фејсбук страница:
„Пред сѐ, сакаме да се заблагодариме на сите што нѐ бодреа и веруваа во нас.
Сепак, и покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за „Оскар“. „Медена земја“ истовремено беше номиниран во две категории, за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм, затоа што универзалноста на приказната и јазикот на филмот ја даваат неговата компетентност и сила да се натпреварува со останатите номинирани. Кога го промовиравме филмот на фестивалот „Санданс“, пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот „Неон“ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни. На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муратова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака.“
И главната протагонистка на документарецот, Атиџе Мурaтова, од Лос Анџелес ја упатува својата порака:
‒ Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа, и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други.