Категории

Утре традиционално ќе биде организирана голема крводарителска акција посветена на Тоше Проески за одбележување на неговиот роденден

Традиционално, на 25.01.2020 година, по шестнаесети пат ќе биде организирана голема крводарителска акција посветена на големиот хуманист Тоше Проески во знак на одбележување на неговиот роденден.

Организатори на крводарителската акција се Црвениот крст на град Скопје, Општинската организација на Црвен крст Гази Баба , Институтот за Трансфузиона медицина и Тоше фан форум клубот. Поддршка кон акцијата ќе дадат и волонтерите од Клуб 25- клуб на млади крводарители, мотиватори како и волонтерите од Клуб на млади на Црвен крст Гази Баба.

И оваа година акцијата е планирано да се реализира на 25 јануари (сабота) во холот на Дом на АРМ во периодот од 09:00-17:00 часот.

Ликот и хуманото дело на Тоше Проески се позитивен пример и поттик за многу млади личности кои токму на овој датум даруваа крв, но и мотивација за повеќекратните дарители да продолжат со хуманиот чин. Традицијата за одржување на крводарителски акции во спомен на Тоше Проески започна во 2010 година и истите се реализираат во негова чест. До сега, на овие 15 акции, својата хуманост преку чинот на дарување крв ја покажале над 4 500 крводарители.