Категории

#365среќа Ана Марија Таневска: „Потребата од адреналин и брзина во мене постои и никогаш нема да згасне“

Манекенка, модел, популарна девојка на социјалните мрежи. Она што е специфично за неа е големата пасија кон моторите и брзото возење.

Поради секојдневната потреба за адреналин и љубовта вкоренета уште од најмладите денови кон моторите, оваа млада дама Ана Марија Таневска во ова издание на рубриката #365среќа зборува за својата љубов кон професијата, своите амбиции и несекојдневното хоби.

1. Која е Ана Марија приватно и како започна твојата приказна во манекенството и моделингот?

– За себе можам да кажам дека сум добра личност, која е секогаш расположена и луѓето кои ме опкружуваат велат дека зрачам со позитивна енергија. Девојка која се стреми кон убави работи и убави нешта. Сакам да им помагам на луѓето кога им е најтешко, а истовремено секојдневно соочувајќи се со многу предизвици.

Уште на 14 години започнав да се занимавам со манекенството, па затоа за себе можам да кажам дека сум одлучна и секогаш знам што сакам. Манекенството е мојата пасија со која сеуште се занимавам, а во иднина планирам моите амбиции на ова поле да ги насочам на интернационално ниво.

2. Јавноста те препознава по твоите фотосесии и твојата манекенска кариера. Кои се твоите планови за во иднина на тоа поле?

– Кариерата во манекенството ја градев полека, но сигурно. Во секоја професија потребно е вложување и трпение и резултатите ќе бидат позитивни. Во врска со моите планови и амбиции за во иднина, насочена сум кон модните писти во Милано, Италија.

3. Особено е интересна твојата пасија кон мото-спортовите. Дали потребата од адреналин беше пресудна да се појави твојата љубов кон моторите, иако најчесто е сфера на интерес која е повеќе застапена кај машката популација?


– Да, мојата љубов кон моторите започна уште од мали нозе, поточно од мојата деветта година. Тогаш за прв пат почувствував дека имам осет и желба за мотори. Љубовта кон моторите ми ја пренесе мојот татко, кој во минатото бил натпреварувач на мотокрос трки, а таа љубов се развива до ден денес. Потребата од адреналин и брзина во мене постои и никогаш нема да згасне.

4. Среќата претставува најсилна емоција која е причина да се бориме за она што го сакаме. Која е твојата дефиниција за среќа?

– Мојата дефиниција за среќа е следната: Биди човек кој и кога губи добива, биди среќен и кога си несреќен, биди хуман и секогаш пријатно расположен, шири позитивна енергија, бидејќи среќата е емоција која се доживува кога се споделува со луѓето кои ги цениш, сакаш и почитуваш.

5. Иако си млада, важиш за остварена девојка која се бори за своите амбиции и соништа. Во моменти на слабост и несигурност, која е мислата која те мотивира да продолжиш понатаму?

– Иако имам неполни 20 години, се чувствувам доволно зрела и пред себе имам зацртани цели и амбиции. Во моменти на слабост и несигурност, никогаш не се предавам и не ја спуштам главата надолу, напротив, храбро и самоуверено продолжувам понатаму со крената глава. Затоа, мојата порака за сите оние кои поминуваат низ непријатности во животот е пред се да веруваат во себе и да се борат за своите соништа, а доколку имаат таков став, среќата, радоста и успехот ќе го најдат патот до нив.

Прегледи:
2238
Објавено на:
04.04.2018