Категории

#365среќа Крсто Златков и Ирина Тошева: „Студентите од Академиите за Визуелни Уметности и Моден Дизајн на пракси во познати компании“

Уметност е секое креативно дело создадено од човекот, таа ја покажува неговата индивидуалност, специфичност и слобода во изразување кога станува збор за играњето со форми, облици и бои. Токму поради ова уметноста во среќа.мк секогаш има посебно место, а на наше огромно задоволство ја имавме таа чест да присуствуваме на настан каде што ја имаше во изобилие.

Имено, неодамна се одржа настан на кој студентите при академските програми на Сеавус Едукативен Центар и Џолев и уметностите ги презентираа своите портфолија кои беа сочинети од фотографии, видеа, графички дизајн и модни креации, кадешто преку техниките кои ги стекнале на академиите за Визуелни Уметности и Моден Дизајн ја изразија својата креативност. На овој настан од особено значење беше поврзувањето на студентите со наши реномирани компании кадешто во иднина ќе ја продолжат својата пракса.

Како што нѐ информираа претставниците на академијата, настанот е дел од предметите „Развој на лична кариера“ и „Бренд Менаџмент“ кои за прв пат се воведуваат во една академска програма од областа на дизајнот со цел да им помогне на студентите во нивниот понатамошен професионален развој.

За таа цел, во ова издание на #365среќа зборуваме со менторите на овие два предмети, Крсто Златков, маркетинг специјалист во Сеавус Едукативниот и Развоен Центар, одговорен за предметот „Развој на лична кариера“ и Ирина Тошева, модна дизајнерка и менторка на предметот „Бренд Менаџмент“.

1. На Академиите за Визуелни Уметности и Моден Дизајн се изучуваат предметите Развој на личната кариера и Бренд менаџмент. За почеток, би било интересно да дознаеме од каде потекнува идејата за овие предмети и која е целта која студентите ја постигнуваат со нивното изучување?

Крсто: Сведоци сме на образование кое студентите ги фокусира на основата од теориите и практиките од предметите на самите студии, но недоволно истото ги созрева во нивниот личен развој за успешно градење на лична кариера.

Токму затоа, решивме да воведеме два предмети во завршната фаза од студиите каде студентите ќе добијат „оружје“ за издвојување на лични победи – информации, за тоа како функционира пазарот, кои се основните пречки во градењето на лична кариера, како да ги употребат алатките од маркетингот и продажбата во градењето на стратегии за личен развој, како преку менаџмент пристапот да ги решаваат секојдневните предизвици или наједноставно кажано како да продолжат успешно да чекорат и по завршување на студиите.

Ирина: Водењето на успешен (моден) бренд е 90% бизнис одлуки и 10% уметност/дизајн. За време на модното образование скоро целото внимание е посветено на тие 10%. Но, што потоа?

Младите брендови првите 3-4 сезони ги „бараат“ своите клиенти. Колку повеќе си запознаен со пазарот во кој се впушташ, толку повеќе може да бидеш сигурен во одржливоста на продуктот кој го нудиш. Колку поголемо истражување направиш на почетокот, толку повеќе пари „ќе заштедиш“ понатаму.

Создадовме програма која ќе им помогне на студентите полесно да разберат како да ги постават „столбовите“ на својот бренд. Ги опфативме сите оние точки кои се од фундаментално значење за правење на вистинските чекори при стартување на бизнисот. Работи кои би сакала и мене некој да ми ги посочеше на почетоците.

2. За да ги доближиме предметите „Развој на лична кариера“ и „Бренд менаџмент “ поблиску до сите оние кои се заинтересирани, може ли да ни објасните што се изучуваше на часовите?

Крсто: Содржината на предметот „Стратегии за успешно градење на лична кариера“ е поделена во два дела, од кои првиот се фокусира врз факторите на влијание на созревање на самата личност и навиките на успешните луѓе, а вториот е посветен на алатките и стратегиите за личен развој користејќи ги формите за развој на еден бренд преку менаџментот, маркетингот и продажбата. На часовите сфативме како е да „градиме куќа“ со јасна визија и како се поставува лична мисија, но и најважното, како истата да ја оствариме. Клучно за овој предмет е и самото профилирање на студентите, кое им помогна подобро да се запознаат себеси и подобро изградат лична цел.

Ирина: Посветивме големо внимание на вежбање и усовршување на продажните вештини, истражување на пазарот каде точно е позициониран брендот на секој студент, како луѓето го прифаќаат и како јавноста очекува да им биде презентиран. Следевме и дискутиравме светски и наши примери, имавме гости кои ги раскажуваа своите искуства и приказни. Часовите беа и припрема за презентациите со кои студентите стигнаа до посакуваните пракси.

3. Академиите за Визуелни Уметности и Моден Дизајн, покрај споменатите, содржат и други предмети во својата програма. Кои се останатите предмети и кои ментори стојат зад нив?

Крсто: Пред една година, кога и започнавме со овие академии главниот виновник за програмите, координаторот и ментор Дејан Џолев го состави нашиот дрим тим на ментори, а дополнително истите интервенираа со своето огромно познавање и искуство. Тука се: Зоран Кардула, Петар Павлов, Никола Узуновски, Небојша Вилиќ, Влатко Ристов, Никола Булески – Буле, Никола Ефтимов, Ирина Тошева, Александра Јовановска, Стефан Сидовски – Сидо, Блашка Миева и Дејан Џолев.

Воведот во двете академии е со предметите „Цртачки и Сликарски Техники“ и „Фолозофија“, чија цел е студентите ликовно да се опуштат и почнат да размислуваат, а потоа продолжуваат и со останатите предмети согласно насоките. На Академијата за Визуелни Уметности, студентите во првиот семестар изучуваат „Фотографија“, „Постпродукција на Фотографија“, „Илустрација и Визуелни Комуникации“, а во вториот „Мултимедија“, „Методологија на Дизајн“, „Графички Дизајн“, „Применети Уметности и Медиуми“, „Естетички Дискурси“ и „Кариера“. Академијата за Моден Дизајн ги опфаќа предметите „Модна колекција“, „Модна Илустрација“, „Дигитална Илустрација“, „Историја на мода“, „Конструкција на облека со техники на шиење“, „Визуелни Комуникации“, „Естетички Дискурси“ и „Бренд Менаџмент“.

Покрај овие предмети го воведовме и предметот „Анализа и процес“ на кој се следи прогресот на студентите и се дискутира за тековните предавања. На овие академии не постои оценување, туку систем на вреднување преку кој менторите ги водат студентите низ процесите и релизирањето на нивните практични задачи. И сето тоа се заокружува во еден прекрасен, неформален амбиент каде се будат сите креативни сетила и желби за истражувања и нови знаења.

На крајот од академијата студентите го презентираат своето портфолио пред избрани компании, но и на заедничка завршна изложба со сите студенти од Aкадемијата за Дизајн.

4. Преку овие академии, студентите несомнено стекнуваат огромно искуство и правец за понатамошно надоградување и делување. Меѓутоа, природно се наметнува и прашањето – што потоа? Каде продолжуваат студентите на пракса?

Крсто: Согласно профилот на студентите се избираат компании. Кај нас праксата не е за потпис, туку истата има за цел да им служи и на компаниите и на студентите. Компаниите добија кандидати согласно нивнте потреби и можности за идни вработувања, а студентите работни средини согласно нивниот личен профил и цели во градењето на својата лична кариера.

На наша огромна радост, познати и реномирани компании го поздравија овој настан и им дадоа шанса на нашите студенти да посетуваат пракса во: „Њу Момент“, „Кома“, „Публицис“, „Риборн“, „Happiness Marketing“, „Портрет магазин“, „Сара Фешн“, „Издавачки центар ТРИ“, Метаноја – издавачка куќа“, „Навигаторс“, „Fashionel“, „Булески – модно студио“, „Атеље Ирина Тошева“, „MATRA“, „Бела“ и „Фешн викенд Скопје“. За тоа сме им посебно благодарни!

5. Зошто се Академиите за Визуелни Уметности и Моден Дизајн вистински избор за сите талентирани луѓе кои сакаат да го развијат својот талент во правилна насока и кога започнуваат следните уписи?

Ирина: Програмата ги опфаќа сите потребни точки за градењето на еден моден дизајнер. Сите ментори се докажани професионалци со богати портфолија, успешни приказни и страсни вљубеници во својата работа. Но, на крајот, успехот зависи од решителноста и упорноста на секој студент.

Крсто: Најголемите промени започнуваат со креирањето на свесност за одреден проблем. Тоа што денес не радува, е дека луѓето се повеќе се интересираат за квалитетот на настава и вложеното време во едукација наспроти самата диплома. Луѓето сфатија дека дипломите не ги вработуваат и тоа е добро и здраво, затоа што е време сите образовни институции да се занимаваат со содржината, а не формата на своите програми. Тоа што може да го понуди нашата програма по содржина, покрај практичните вештини и знаења е и пристапот на сите ментори кои не го пишува во ниту еден учебник, пристапот кој го негувале сите големи учители низ сите времиња, пристапот со кој создавате атмосфера каде студентите со нетрпение ќе чекаат да дојде следниот час и ќе посакаат истиот никогаш да не заврши, а на крајот и ќе се расплакаат од среќа за секој постигнат резултат и успех!

Академиите започнуваат на 15 октомври, а уписите се во тек. За сите заинтересирани кандидати кои сметаат дека се талентирани, наскоро ќе објавиме и повик за стипендии на нашите социјални медиуми.

Прегледи:
931
Објавено на:
18.07.2018