Селфи фотографиите за милиони корисници на социјалните мрежи се секојдневна рутина. Меѓутоа, селфи фотографија без филтери и шминка, е вистинска реткост. Но, во последно време, идејата дека „помалку е повеќе“ стана глобално популарна – особено на социјалните мрежи.
Некои познати личности, вклучувајќи ги Алиша Кис, Криси Тајген, Лејди Гага и Хајди Клум го поддржаа „без шминка“ трендот, заменувајќи го својот гламурозен изглед со фотографии на кои изгледаат многу поприродно.
Кајли Џенер, Бијонсе, Гал Гадот и Синди Крафорд исто така дадоа поддршка на овој тренд со фотографии од нив.
Теоретски, обидите да се отстрани притисокот за постигнување на нереална убавина се за почит. Меѓутоа, додека селфи фотографиите без шминка на познатите личности делуваат инспиративно, сепак честопати знаат да бидат проблематични.
За разлика од сите останати, она што е особено интересно на фотографиите на познатите е тоа што на нивното лице нема бори, руменило или некаков проблем со кожата – тие се уште изгледаат без маана.
Реалноста е малку поинаква. Иако тие тврдат дека на фотографиите се без шминка, сепак забораваат да ги наведат надоградбата на трепки, филерите во усните, тетовираните веѓи и скапите спа третмани кои ги плаќаат, а кои не можат да си ги дозволат обичните девојки.
Можеби, наместо споделување на селфи фотографии без шминка, познатите дами треба да бидат потранспарентни околу третманите и процедурите на кои досега подлегнале и на тој начин ќе бидат поуверливи во своите намери.