Категории

Кој си носи чадорче не наврнува! Како се употребувал чадорот во минатото?

Денес ни изгледа сосема природно да го отвориме чадорот кога врне дожд. Меѓутоа, тој предмет не е пронајден како заштита од дожд, туку од сонце.

Никој не знае кој го измислил чадорот, но познато е дека тој се употребувал уште во далечното минато. Најверојатно е дека први го користеле Кинезите и тоа уште во XI век пред н.е. Знаеме дека и старите Еѓипќани и Вавилонци се служеле со чадор за сонце. И што е интересно, тој дури станал и симбол на моќта и достоинството. На Далечниот Исток во стари времиња сончевиот чадор смееле да го користат само кралевите и нивната придружба, највисоките државни поглавари.

Во Европа сончевиот чадор први го употребиле Грците. Меѓутоа, се верува дека први луѓе што таа справа ја користеле за заштита од дожд биле старите Римјани. Во текот на средниот век употребата на чадорот речиси и престанала. Потоа пак се појавил во Италија, при крајот на XVI век. И тогаш се сметало дека тој е симбол на власт и моќ. Во 1680 година чадорот се појавил во Франција, а потоа во Англија. Веќе во XVIII век употребата на чадорот се проширила низ цела Европа. За сето тоа време чадорите не се измениле многу по форма, иако станале многу полесни за носење. Но, дури во XX век почнала изработката на женски чадори во разни бои.