Категории

Хумористично писмо до Дедо Мраз

Како прво, мора да кажам… оваа година или заобиколиме или почни да се однесуваш нормално. Сѐ што барав досега од тебе – не ми донесе. Ни младост, ни убавина, ни памет, а ниту пак здравје.

Залудно ти пишував, фантазирав, со ноќи те довикував. Или си глув или многу стар па не си слушнал. А не барав ништо невозможно и неостварливо.

Стануваш општествено неодговорен. Тоа што мислиш дека јас сум малку престара за подароци, не е вистина. Јас сакам подароци најмногу на светот, но… не оние кои ти ми ги праќаш, туку оние кои ги нарачувам.

А ова е мојата листа на желби:

1. Сакам на Малдиви, 10 денови, сама… all inclusive.

2. Автомобил, нов, и да биде црвен да носи радост.

3. Сакам ташна со 165 прегради, бидејќи веќе не можам да се снајдам во малава. Што и да ставам во неа, мистериозно исчезнува. Се појавува дури тогаш кога нема да ми треба.

4. Сакам Ерос Рамазоти да ми пее за Нова година, а потоа и да ме масира.

5. Сакам пончо. Видов еден… вистинска ситница 23.000. Тоа што има малку крзно… така и треба, зима е!

6. Сакам во Новата година да ме посвои некој руски тајкун, да му бидам омилено дете, па да ми купи стан… не мора на Менхетен, добар е и во Скопје.

7. Сакам да имам златна картичка кога веќе немам златна рипка.

Ова го пишувам при здрава свест и бистар ум.

И… немој да полудам, па да видиш што сѐ сакам!

П.С Мир во светот, повеќе храна, подобар живот и сѐ останато оставам за мисиците. Немам јас време да се занимавам со тривијалности.

Нека биде сѐ во духот на празниците. На здравје!

Прегледи:
743
Објавено на:
18.12.2019