Категории

Marella Stories: Ангела Ѓоргиева за стилот, трендовите и инспирацијата да споделува модни содржини во дигиталниот свет

Oваа сезона преку Marella Stories ги ставаме во фокус дамите чии успешни приказни се тесно поврзани со нивната пасија за модата и стилот. Како пример за една таква дама, денес имавме можност да разговараме со Ангела Ѓоргиева, која пред се е позната како модел и мошне успешен дигитален креатор на Инстаграм.

Таа по струка е дипломиран економист, но нејзината љубов кон модата, патувањето и поврзувањето со други дами со исти интереси како неа ја нови на друг пат. Денес таа сподели со нас повеќе за нејзината приказна како креатор во дигиталниот свет, за нејзниот личен стил и ни кажа кој моден совет смета дека треба да го знае секоја дама. Прочитајте повеќе:

1. Како дигитален креатор модата е твоето секојдневие. Како се роди твојот интерес кон модата и како прерасна во тоа што е денес – твоја професија?

Со оглед на тоа што работев како модел десет години, интересот секогаш бил присутен, но морам да кажам дека со растот на социјалните медиуми, конкретно инстаграм, и со појавувањето на девојки кои го споделуваат и прикажуваат својот стил и креативност online, дефинитивно се инспирирав и охрабрив да објавувам содржини кои ме отсликуваат мене и моите интереси. Благодарна и среќна сум што тоа споделување после неколку години, денес можам да го наречам секојдневна работа која ме исполнува.

2. Како би го опишала твојот личен стил со неколку зборови, и како тој се менува со трендовите?

Урбан, едноставен, со современи парчиња, најчесто во неутрални нијанси и надополнет со аксесоари за целосен изглед. Трендовите, оние кои ми се допаѓаат, секогаш ги приспособувам на мојот стил за да се чувствувам комотно во тоа што го носам и многу ретко им се препуштам целосно.

3. Без кои 3 модни парчиња не можеш да го замислиш твојот гардеробер за претстојната сезона?

За есен и зима, дефинитивно не можам да го замислам мојот гардеробер без добар капут, чизми со висок ѓон и шешир.

4. Marella е бренд кој комплетно се посветува на современите дами и нивните потреби. Како го пронаоѓаш твојот стил во креациите на Marella?

Покрај широкиот спектар на парчиња, од безвременски елегантни парчиња, до интересни и уникатни принтови, сметам дека секоја жена може да се пронајде во креациите на Marella. Мене конкретно ме освои кројот, комоцијата и чувството на самодоверба додека ги носам парчињата.

5. Кои модни парчиња ти се омилени од актуелната колекција есен/зима 2021 на Marella?

Дефинитивно капутите од колекцијата се нешто што би сакала да го имам во плакарот, баш поради нивната безвременост и фактот што можам да се замислам носејќи ги и во наредните десет години.

6. Кој е најважниот моден совет кој сметаш дека секоја дама треба да го знае?

Да носи парчиња во кои се чувствува автентично и своја, да го негува нејзиниот стил кој ќе се надополнува, но не и променува со новите трендови.

 

 

 

Коса и шминка – Зоран Шубревски

Фотограф – Мартин Трајановски