Единаесет бремености за Лаура Ворслеј завршувале во првото тримесечје, а покрај тоа изгубила уште две момчиња во 17. и 20. недела. Продолжила и понатаму да се бори и по 13 спонтани абортуси ја добила ќерката Иви.
Првиот спонтан абортус се случил во 2008. година, а откако се случило тоа и по трет пат, Лаура и нејзиниот маж Дејв од Велика британија знаеле дека нешто не е во ред. По четвртиот спонтан, откриено е дека Лаура пати од антифосфолипиден синдром, исто така познат и како „синдром на леплива крв“ кој може да предизвика повторување на губиток на бременоста.
Тоа е автоимуна болест кај која имунолошкиот систем по грешка ги напаѓа некои од нормалните протеини во крвта.
„Учествувавме во различни обиди, правевме тестови, се обидовме со најразлични лекови, надевајќи се дека нешто од тоа ќе помогне“, раскажала Лаура, чии бремености не напредувале повеќе од неколку недели. Иако две бремености преживеале до 12 недела, парот сепак ги изгубил тие деца во 2015 и 2017 година.
„Не знам како се носев со тоа. Дејв беше силен за двајцата. Тоа беше единствената причина за која живеев и размислував доколку не можам да имам деца, која е смислата на животот“, отворено раскажува Лаура.
Тестирана е и плацентата на еден од момчињата и резултатите покажале дека Лаура имала и хроничен хистиоцитичен интервилозитис (CHI), кој предизвикува телото да се бори против бременоста.
„Откако го дознав тоа, повеќе не бев сигурна дали сакам повторно да се обидувам, но докторката Квинби ми рече дека им помогнала на многу жени кои не можеле да забременат. Мислев ако постои и таа една најмала надеж, морам да се обидам повторно, а така мислеше и мојот сопруг. Си реков себеси, ова е последен обид.“
По бројните лекови, Лаура затруднела по 14. пат. Докторката Квинби и рекла дека користеле стероиди за да може да го потиснат имунолошкиот систем на Лаура за бременоста да може да напредува по 24 недела, за бебето да има шанси да преживее.
Лековите го спречиле згрутчувањето на крвта. Иви е родена со царски рез. Тежела само 770 грама.
„Дејв ја виде прв. Јас најпрво ја видов на фотографија кога се разбудив. Дури по три недели можев да ја земам во прегратка. Нѐ предупредија дека Иви може да добие сепса, но таа само продолжи да напредува. Читав за чудата кои им се случувале на други луѓе, а сега имам мое, додала Лаура.
По 11 недели во болница и опоравување од бронхитис, Иви пристигнала дома. Сега има девет месеци, а нивниот случај служи како пример за сите парови кои се обидуваат да имаат дете, да не се откажуваат од својата борба.