Категории

Што значи разводот за децата?

Разделувањето на родителите е секогаш лоша вест за децата. Но, денес, за среќа знаеме како да ги избегнеме грозните сценарија во кои децата се секогаш губитниците во разводот.

За тоа што значи разводот за децата и на кој начин семејството може најдобро да ја надмине таа криза говори Ремо Ларго, професор од Цирих кој е автор на книгата „Среќни деца на разведени родители“.

·         Разведувањето на таткото и мајката претставува катастрофа за децата. Зошто?

Детето се доживува себе и своите родители како целина која ја прават сите тројца. Нему му е неверојатно тоа дека мама некогаш била без тато, имала некој друг партнер или живеела во некој друг град. Тоа не е дел од детската логика и затоа не може да му се објасни.

·         Дали тоа значи дека кај детето не поминува ниту еден обид да му се објасни зошто родителите повеќе не се разбираат и зошто сакаат да се раведат?

Во секој случај не онака како ние што си замислуваме. Ако кажете, на пример дека мама и тато повеќе не се разбираат, дека само се расправаат и дека затоа сакаат да се раведат, детето ќе помисли: „Па и јас се расправам со мојот помал/а брат/сестра – и ние и покрај тоа ќе останеме заедно“.

·         Тогаш, што му се зборува на четиригодишно дете чии родители сaкaат да се раведат?

Не може да му се објасни зошто тато и мама сакаат да се раведат. Но важно е родителите да разговараат заедно со детето и да му кажат како од сега па натаму ќе функционираат работите. На детските прашања треба да се даваат одговори кои се прикладни за неговата возраст.

На детето не му значи многу кога ќе се каже: „Тато ќе те посетува секој викенд“. Тоа едноставно мора да види дека татко му редовно доаѓа, дека се јавува, дека е присутен и мора да доживее: „За мене ништо не се менува дури ни ако тато и мама веќе не се заедно“. Ако се одржат односите, разводот ќе го изгуби својот шокантен предзнак.

·         Да бидеме искрени. Колку парови успеваат во тоа? Разводот е поврзан со тага, бес и разочарување. Не може едноставно да се каже: Ок, како пар сме разделени, но како родители ќе останеме по старо“.

Баш напротив, може. Би рекол дека тоа им успева на една третина од родителите. А другата третина може да го постигне тоа ако ја добива потребната поддршка од одреден терапевт и посредник. Не велам дека е лесно. Напротив, тоа е тешкиот дел од задачата. Но е возможен.

Имате ли разбирање за мајките кои со задоволство би ги пратиле поранешните сопрузи по ѓаволите или за татковците кои се повлекуваат од чиста фрустрација?

Имам разбирање за родителите кои имаат таков еден спонтан нагон – тоа е човечки. Но, не и за оние кои продолжуваат да прават така. Тој што ќе донесе дете на овој свет сноси одговорност за детето. И откако ќе се разведат, родителите треба да мислат на доброто на детето наместо на себе и своето патење.

·         Тоа е тешко

Да, тешко е. Но може да се гледа позитивно на тоа. Преземањето на одговорност наместо предавање на тага и патење им дава поддршка и сигурност и на возрасните. Се се средува кога ќе си објасните сами на себе дека овде има едно или две мали деца за кои сега мора да се грижите повеќе отколку порано.

·         Како брзо да се стане личноста која сама се грижи за своите деца и која во нив не ја гледа единствената смисла за живот или дури и замена за партнер? Дали е тоа товар за децата?

Да се биде одговорен исто така значи и да не се искористува детето како средство за лечење на сопствената душа. Големо е искушението да се бара од децата љубов која недостасува или пак да се префрли лутината и фрустрацијата од поранешниот сопруг на децата. Токму поради тоа треба што порано да се побара стручна помош ако се забележи дека не може да се излезе на крај со разводот. За да има успешен развод важно е да се поработи на лошите случувања, на тагата и неуспехот. Често, тоа е можно со терапевт. Понекогаш можат да помогнат и блиските пријатели. Важно е личноста да не се повлече во себе и да не се обиде да реши се сама и со децата. Што поотворено се постапува со разводот и што поголема е желбата за нов почеток, толку е се подобро.

·         Но на многу родители, особено на мајките, тешко им е достоинствено да се носат со таа ситуација. Самохраните родители сепак се гледани со одредена доза на сожалување.

Не е лесно да се биде самохран родител. Кога на тоа ќе се додаде и душевната потиштеност и финансиските проблеми, многу доаѓаат до границата на сопствената издржливост. Јас сепак верувам дека може да се каже, со крената глава: Јас сум самохран родител. Oдамна поминаа времињата кога на разводот се гледаше како на срам. Скоро секој втор брак денес се распаѓа. Стана нормално пар да се раведе ако заедничкиот живот повеќе не функционира. И искрено кажано, сметам дека е добро што е така. Подобро е така, отколку да се изгради фасада зад која децата патат. Тие не можат да се дистанцираат од расправиите на своите родители. Сметаат дека се виновни за секој проблем. Сите негативни чувства кои се собираат помеѓу родителите се пренесуваат едно по едно на децата. Можеме да си замислиме како би ни било нам кога би се нашле помеѓу двајца пријатели кои се расправаат – како возрасни, нам тешко ни успева да се ослободиме од лошото расположение. Децата тоа го доживуваат многу поекстремно. Тоа значи дека на децата секогаш им треба добар пример. Па, дали родителите во чиј дом летаат линии кон ѕидот, едниот постојано плаче, другиот си оди на друга страна, се добар пример? Верувам дека не се.

Значи подобро е да се разведат?

Во секој случај. При тоа не мислам дека врската треба да се прекине од хир. Денес, малку пребрзо се впуштаме во тоа. Штом некоја врска повеќе не функционира лесно, се одлучуваме за крај. Некогаш посакувам семејствата да се поиздржливи.

·         Кога е време за развод?

На тоа прашање може да одговори само парот. Мораме да прифатиме дека се сменија времињата. Луѓето поминуваат одреден дел од животот заедно а потоа се разделуваат. Тоагш мора да им се објасни на партнерите дека разводот не значи крај на среќата. Мора да ги охрабриме и да им објасниме дека нема зошто да имаат грижа на совест. Тврдам дека многу семејства функционираат дури и подобро кога секојдневната војна помеѓу родителите ќе престане. На оние на кои ќе им успее да ги отстранат препреките во својот однос и истовремено да продолжат да соработуваат како родители, тие имаат добри изгледи да основаат “среќно семејство со разведени родители“. Во тој случај родителите повторно се добар пример. Тие преку своето однесување им покажуваат на децата дека разводот не значи крај на нивното семејство, туку дека тоа може да биде почеток на нов начин на живот.

·         Да бидеме конкретни: мораме да поминеме низ развод за тоа да функционира?

Колку и да делува тешко, родителите не треба да се разведуваат во афект. Често се случува да дојде до голема расправија и едниот сопружник да се отсели. Тогаш настапува голем хаос од кој не може лесно да се излезе. За развод човек многу треба да е подготвен. При тоа треба да се обрне внимание на три работи. Прво: како ќе успееме да постигнеме грижата за децата да остане што е можно постабилна? Таткото кој претходно ги носел децата два до три пати неделно на спиење, тоа треба да го прави и по разводот – дали тоа ќе се случува во неговиот нов стан или во старата куќа е сеедно.

Јаслито или градинката би требало да останат исти па дури и времето кога некој друг се грижи за детето. Околу чувањето на детето треба да се одбираат само луѓе од доверба, како баба и дедо. Второ: како ќе постигнеме односот на детето со мајката и таткото да остане ист како претходно? Целта треба да биде ништо да не се промени по разводот. Разводот го предизвикува најголемиот страв во детето – страв од напуштање. Ако тато си отиде, тоа може да значи дека и мама ќе си оди или? Само искуство во кое обајцата би пружале еднакво многу блискост и љубов како претходно може да го победи тој страв.
Трето: како ќе постигнеме да живееме одвоено, но покрај се заедно да учествуваме во одгледувањето на детето? Тоа може да успее само ако се одлучите од моментот на разведување да организирате мала работна заедница во која ќе се договарате. Мора разведените партнери да се одвојат од улогата на родители и да настојуваат сите точки кои се однесуваат на децата да ја следат истата цел. Не смеете да се впуштите во игри како: „па, мама ми дозволи“ или „тато рече“. Родителите често мораат меѓусебно да разговараат и да имаат заеднички воспитен концепт. И повторувам: знам колку е тешко од сопствено искуство. Но, првата препрека е совладана ако одлучите да ја совладате таа задача. И уверен сум дека во тој случај раводот нема да биде катастрофа за детето.

·         Наспроти тоа што често се слуша дека децата на разведени родители се губитници во разводот: тие можат да почнат да мократ во кревет, да бидат лоши на училиште, да имаат потешкотии во љубовните врски. Не е ли сето тоа точно?

Има многу такви истражувања. Но, има и многу такви кои покажуваат дека децата еднакво патат ако мораат да растат во семејство во кое се пореметни односите. Сигурен сум: децата не патат поради разводот на своите родители, туку поради лошите односи. А нив ги има и со и без развод.

Извор: Сезадеца

Прегледи:
1343
Објавено на:
09.08.2019