За танцувањето се вели дека е тајниот јазик на душата, најубавиот начин да ги покажете своите емоции… Танцувањето шири позитивни вибрации, ги сплотува луѓето и испраќа моќна порака. Танцувањето не познава граници, религии, пол, а ниту пак временски услови. Токму тоа го докажаа денешните посетители на Бродот на среќата, Нена и Војо, безгрижно танцувајќи на снегот.
Воислав Јазаџиевски и Нена Ватманиду или попознати како Voicelove & Nena е приказна која што случајно започнува во септември 2017 година, предизвикувајќи големо внимание поради тоа што претставува едно ново освежување во танчерскиот свет во нашиот град.
Војо и Нена велат дека танцот е нешто кое што им го променило животот уште од мали нозе и дека тоа е единствениот свет каде што нема лаги. Преку ритамот на латино звуците тие ги советуваат сите љубители на танцот да се приклучат во латино светот и да ја почувствуваат нивната среќа, бидејќи во овој свет нема пречки и нема назад, туку само напред!
На прашањето што претставува среќата за нив, тие без двоумење одговараат: „Среќа е да одлучиш да го правиш тоа што го сакаш, а воедно тоа е најквалитетната одлука за промена на луѓето кои што се заробени во времето“.
Нивното мото е: Танцувајте, бидејќи таму нема лаги!