Категории

Среќна хроно приказна Ангеле Василевски: „Можеби ќе правам грешки во исхраната, но никогаш нема да се вратам на старите навики“

Неколкупати зборувавме за хроно исхраната и губењето на килограми придржувајќи се за оваа исхрана, а секојдневно своето задоволство го изразуваат многу луѓе кои својот проблем со килограмите го решиле засекогаш на овој начин. Ова е уште една среќна хроно приказна на Ангеле Василевски. 

Прочитајте го неговото искуство и погледнете колкава е разликата пред и по хроно начинот на исхрана.

Тој е 13 месеци на хроно рестрикција и за себе вели дека е тежок зависник од шеќери и тоа од најпростите. Неговата приказна започнува на наговор на Елена Ковачи Николовска која полека му го објаснува начинот на кој функционира хроно исхраната проследено со слики од луѓе кои веќе успеале да изгубат килограми на тој начин. Му објаснува дека со хроно исхраната нема гладување, туку јадеш и слабееш.

„Јас и викам, јас сум со притисок, триглицериди 3 пати над нормалната граница, холестерол до плафон – ова не е за мене. Но, таа беше упорна. Толку фалеше, ме закопка и ете ме мене со барање за групава. Гледам луѓе задоволни, ослабени, полни со позитивна енергија. Пак се мислам, јас никогаш не доручкувам, треба леб да печам, многу треба да се спрема… НЕ, си викам, не е ова за мене. Сепак, си висам јас во групата, си читам и се дебелеам, чипс до мене, кока кола, по некое ресанче и неизбежната Милка со топен лешник. Едно утро така си викам, чекај бе, да ја забришам вагаа, да видиме како стоиме со бројките. Следи ШОК, 140.8 кг, никогаш не сум бил подебел. Си викам, претерав, доста е.“

Ангеле веќе ги имал проучено сите правила на памет, што смее, што не смее, црвено, зелено, кога треба да се пие вода, кога треба кафе… и одлучил дека е се обиде да го промени начинот на исхрана. Се подготвил со потребните намирници претходните денови, путер, дозволен леб, кисело млеко… Се подготвувал иако се уште не верувал што прави.

„Првата рестрикција симнав 10 кг, втората по 8, а потоа престанав да бројам. Се чувствував најадено, со 100 пати поголема енергија од претходно. Грешки?! Да, ги имаше, на почетокот беа минимални, а подоцна од (не)оправдани причини, намерно или ненамерно сепак се случуваа, поголеми или помали. Но, грешките не значеа дека тоа е тоа.. готово е, згрешив и крај. Паѓаш, се забришуваш и продолжуваш понатаму.“

Денес, по 13 месеци хроно исхрана неговата вага покажува 88 кг, а тој вели дека му недостасуваат уште 8 до целта.

„Време е за #вонрестрикција, орбитрекот е веќе паркиран во соба и здравје теретана од есен. Дека никогаш нема да згрешам, и да изедам некое „бело“ недозволено слатко задоволство, или некој „cheat meal“, не можам да ветам. Но, знам дека никогаш нема да ги вратам старите навики на исхрана.“